Исламската држава потврди дека нејзиниот лидер , Абу Бакр ал- Багдади е убиен во напад на американските сили на зсевероистокот на Сирија и најави одмазда за САД.
Багдади, ирачки џихадист, кој се издигна од анонимност до лидер на ултрарадикалната терористичка група и се прогласи за „калиф“ на сите муслимани, беше убиен минатиот викенд во акција на американските специјални сили, објави во неделата американскиот претседател Доналд Трамп.
ИД, која држеше под контрола огромни области во Сирија и Ирак од 2014 до 2017 година пред самопрогласениот калифат да пропадне под нападите на САД, досега молчеше за судбината на Багдади.
Нивната новинска агенција Амак во аудио-снимка потврди дека Багдади е мртов и дека Абу Ибрахим ал-Хасеми ал-Кураши е прогласен за негов наследник.
Тоа е релативно непознат милитант, а експертите за ИД велат дека тоа би можело да биде еден од најистакнатите борци, познат како Хај Абдула, посочен од САД како потенцијален нов водач на групата.
Портпарол на ИД се осврна и на САД во аудио записот. „Одмаздете и се на нивната нација и нивните браќа неверници и отпадници, извршувајте ја волјата на командантот од последната аудио порака и приближете се кон Бога преку крвта на многубошците“, изјави портпаролот.
Багдади во пораката минатиот месец рече дека дејствијата на милитантите се спроведуваат на дневна основа и повика на ослободување на жените приведени во Сирија и Ирак заради наводни врски со ИД.
Багдади беше убиен во елек со експлозив за самоубиство, кога избега во слеп тунел откако бил опкружен од елитни американски специјалци во скривницата во сириската провинција Идлиб. Тој при загинувањето , ги уби и своите три деца.
ИД го потврди и убиството на нејзиниот портпарол, Абу ал-Хасан ал-Мухаџир.