Граѓанската иницијатива НаТочак вчера испрати допис до градските власти со реакција за новонабавените контејнери, чија поставеност, како што велат, е на фреквентни локации во градот, на самите велосипедските патеки и значително го отежнува движењето и мобилноста на велосипедистите, пешаците, како и инвалидизираните лица.
Дописот, во кој иницијативата поставува прашања кои би ги расветлиле причините за настанувањето на ваквата состојба и би поттикнале решавање на проблемот кој е евидентен, следува по неколкудневната остра негативна реакција од страна на граѓани на социјалните мрежи кои укажуваа на недостатоците и проблемите кои произлегуваат од ваквото решение, делумно и како одговор на ситуации со загрозена безбедност на учесници во сообраќајот.
Во дописот, иницијативата бара одговори на тоа кое тело и на кој начин ја донело одлуката за набавка на вакви контејнери и дали притоа претходно е направена проценка и елаборат за поставувањето на урбана опрема. Мегу поставените прашања, се бара и одговор дали во тој процес е воспоставена соодветна соработка со сите засегнати страни, вклучувајќи и лица од Секторот за сообраќај, Секторот за урбанизам, СВР Скопје и други инволвирани страни што работат на проектот „Скопје Велоград“ и кои стандарди за урбанистичко планирање и уредување на просторот се користени при изборот на локации на контејнерите. На крај, неформалното здружение прашува дали поставувањето на овие контејнери ќе претрпи ревизија по многубројните реакции и доколку тоа не е случај, дали се побарани и одобрени изменети сообраќајни проекти за булеварите и улиците каде што се поставени контејнерите, бидејќи импровизираното моментално решение не е соодветно.
НаТочак во дописот исто така посочува и дека со поставувањето на овие контејнери се косат со Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021, во кој е наведено: “Добрата и квалитетната инфраструктура за велосипедски сообраќај е клучна за зголемување на користењето на велосипедот. Мерките од оваа област треба да резултираат со насоки и стандарди за велосипедска инфраструктура, обезбедување на висококвалитетна, безбедна, комфорна и добро поврзана велосипедска мрежа“.