Со помош и со обука од ЦИА, авганистанските паравоени сили извршиле серија воени злосторства и други тешки злоупотреби против цивилите, вклучително и тортура и егзекуции, открива истрагата на „Хјуман рајтс воч“, пренесува РТ.
Интервјуирајќи очевидци, американски специјални оператори и персонал во авганистанската војска, невладината организација документирала над десетина случаи на сериозна злоупотреба од страна на силите поддржани од САД, кон крајот на 2017 и 2019 година, вклучително и вонсудски егзекуции и исчезнувања, недискриминирачки воздушни напади, напади врз медицински установи и други прекршувања на правилата на војување. Најголемиот дел од злоупотребите се случувале при ноќните рации „убиј или фати“, за кои американските воени претставници тврдат дека се суштински дел од контратерористичката стратегија во Авганистан. Во текот на војната, рациите привлекоа остри критики поради тенденцијата да резултираат со колатерални цивилни смртни случаи, па дури беа привремено забранети од поранешниот авганистански претседател Хамид Карзаи во 2013 година. Вратени само една година подоцна, рациите нагло зачестија.
„Почнувајќи од 2017 година, добиваме се повеќе извештаи за цивилни жртви и прекршувања на законите за војување во ноќните рации и други операции поддржани од САД, а спроведени од авганистанските сили. Егзекутирани затвореници, луѓе убивани со рацете врзани зад грб, деца застрелани во главата во ноќните операции – нема сомнение – со ова се кршат законите на војување“, вели Андреа Прашов, в.д. директор на ХРВ во Вашингтон. Во извештајот на ХРВ се наведува дека многу од рациите се засновани на погрешни разузнавачки информации понекогаш добиени од непријателски борци под тортура или принуда или од локални моќници кои ги напаѓаат ривалите со лажни обвиненија, користејќи ја моќта на американската војска како своја приватна милиција сила. Авганистанската влада нема развиено никаков значаен капацитет за да се истражат смртни случаи на невини жртви или лошо работење со разузнавачки информации.
„’Силите за напад’ обучени од ЦИА – кои вклучуваат нерегуларни трупи надвор од официјалниот синџир на команда на авганистанската војска – се однесуваат како одреди на смртта влегувајќи во домовите среде ноќ и често пукаајќи пред да постават прашања“, вели дипломат запознаен со операциите. Покрај рациите во домовите, во извештајот се документирани и напади на болници и други здравствени установи, што е забрането според меѓународното право. „Видовме напади врз медицински установи, врз луѓе кои не беа нужно борци или ако имаше борци, дополнителни напади врз цивили“, рече Прашов.
Одговарајќи на извештајот, ЦИА ги оцени наводите како лажни или претерани, додавајќи дека ниту спроведуваат ниту свесно би учествувале во незаконски активности.



