Двајца грчки полицајци се полесно повредени и пренесени во болница во обид да ги фатат лицата кои со запалив материјал ги нападнаа канцелариите на Златна зора во близина на железничката станица во Атина, откако возилото на сторителите удрило во полициското возило, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштуваат од грчката полиција, околу 2.30 часот утрово, непознати лица со две возила пристигнале пред објектот, а со помош на скала на расклопување се качиле на вториот кат, каде што се сместени канцелариите на Златна зора, ги скршиле прозорците, фрлиле четири мали плински боци и бил предизвикан мал пожар.
По инцидентот, побегнале со возилата, а следело и гонење од грчката полиција. На раскрсница во центарот на Атина, еден од автомобилите на сторителите удрил во полициското возило, а двајцата полицајци се здобиле со полесни повреди и биле пренесени во болница.
Истрагата за пронаоѓање, идентификување и апсење на сторителите е во тек.
Од Златна зора велат дека експлозивниот механизам предизвикал голема штета, а во пожарот изгореле нивните книги и архивскиот материјал.