САД би требало да се вратат на нуклеарниот договор од 2015 година помеѓу Иран и светските сили, напиша денеска шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавад Зариф на Твитер.
Тој наведе дека новите американски санкции кон Техеран ја покажуваат неуспешната политика на Вашингтон.
– Наместо да се вкопуваат уште подлабоко, САД треба да ја напуштат неуспешната политика и да се вратат во ЈЦПОА (нуклеарниот договор од 2015 година), напиша Зариф.
Тој додаде дека „подложувањето на градежните работници на економски тероризам манифестира максимален неуспех на максималниот притисок”.
– САД можат да го санкционираат секој маж, жена и дете, но Иранците никогаш нема да се покорат на насилството, истакна Зариф.
САД воведоа нови санкции за иранскиот градежен сектор и на трговијата со материјали што се користат за воената и нуклеарна програма на Иран.
Во 2015 година, САД, Кина, Русија, Франција, Велика Британија и Германија со Иран потпишаа акциски план кој предвидуваше, меѓу другото, нуклеарно разоружување на Техеран, во замена за постепено укинување на санкциите врз земјата. Но, администрацијата на Доналд Трамп минатата година одлучи да се повлече од мултилатералниот договор и повторно воведе санкции кон Иран.