Мисијата на ОБСЕ во Албанија денеска го организираше петтиот по ред „Форум за развој на медиумите” кој се фокусираше на неколку теми, како што се состојбата со медиумите и новинарите и промените во законот за медиуми во земјата.
На Форумот присуствуваа претставници на Мисијата на ОБСЕ и на Делегацијата на Европска Унија во Албанија, претставници на медиумски организации, експерти и студенти.
Амбасадорот на ОБСЕ во Албанија, Бернд Борхард во своето обраќање ја нагласи слободата на изразување и додаде дека „случаите на закани кон новинарите не се заборавени”.
– Во однос на напредокот, има прашања што треба да се решат и важно е да им се даде професионализам. Повикавме експерти да дадат препораки за ова прашање во однос на влијанието на медиумите, има некои веб-страници кои користат влијателни пристрасни и невистинити информации, напаѓаат јавни личности без воопшто да се загрижат за новинарските стандарди. Исто така не можеме да се преправаме дека заборавивме некои случаи кога новинарите беа загрозени и ние внимателно го следевме ова прашање, истакна Борхард.
Тој побара албанската Влада при финализирањето на законот за медиуми да гарантира транспарентна расправа за предложените измени.
Сенка на овој настан фрли протестот на група жени кои влегоа во салата каде се одржуваше форумот против амбасадорот Борхард,поради неговиот недоличен гест кон демонстранти од населбата „Астир”, со покажување среден прст.
Жените држеа транспаренти на кои пишуваше „Срам да ти е”, „Оди си од Албанија”, „Борхард во Тирана, срам за Албанија”.
Амабасадорот на 13 октомври, поминувајќи по тротоарот до Полициската дирекција во Тирана, на група на демонстранти, жители на населбата „Астир” кои протестираа за ослободување на нивни блиски роднини, кои беа уапсени во текот на денот откако го блокираа патот, им покажа среден прст, откако неколку од нив му се обратија со зборовите „Срам да ти е”.
По лавината реакции на социјалните мрежи амбасадорот реагираше преку објава на Твитер, барајќи извинување за неговиот гест, додавајќи и дека го поддржува правото на Албанците за мирни протести.