Градоначалникот на Кисела Вода Темелковски даде отчет за досега сработеното

​Денеска во просториите на Општина Кисела Вода, градоначалникот Филип Темелковси го презентираше својот отчет за сработеното во изминатите две години. Во продолжение е интегралниот текст од прес конференцијата на Темелковски.

„Од активностите во комуналната сфера во овие две години, ќе го издвојам асфалтирањето на улици во должина од 10 км, како и поплочување со павер елементи на улици во должина од 13 км. Од  инвестирањето во изградба на подземна инфраструктура, изградбата на водоводна мрежа во должина од 2 км, фекална канализациона мрежа во должина од 1 км, а се гради и атмосферска мрежа во должина од 5,2 км.

Подетално, ќе потсетам на целосната реконструкција на улицата Сердарот со тротоари во должина од 1200 метри, како и поплочување со павер елементи на 6 крака од оваа улица. Улицата Саса 32 во Пинтија беше асфалтирана во должина од 1000 метри. Целосна рехабилитација на коловозот извршивме на улица Студеничанска каде направивме и тротоар, како и сервисна улица Иван Козаров новопроектирана, со изградба на водоводна, атмосферска, фекална мрежа и осветлување. Ја финализиравме третата и последна фаза во должина од 850 метри и ширина од 5 метри, од асфалтирањето на патот кој води кон населеното место Теферич.

Изграден беше крак на Христо Татарчев со павер елементи и осветлување. Крак од улицата Славка Динкова кој е поплочен со павер елементи. Поплочени со павер елементи беа и улиците “Саса 2”, пет крака од улицата Малешевска, крак од улицата Иван Хаџи Николов, крак на улицата Банско каде се изгради водоводна мрежа, сквер на ул. Тоне Томшиќ на површина од 300 квадратни метри, крак на Христо Татарчев 23 и 23а, целосна санација со асфалт на ул. Христо Татарчев крак 22. Поплочување со павер елементи доби и Христо Татарчев крак 14, кој е алтернативен пат. Санација со павер елементи извршивме и на краците 1, 2,3,4 и 4а на Киро Фетак 1, но и на крак од улицата Методија Патчев.

Рехабилитација на коловозот беше извршено на ул. Бранко Заревски, во должина од 600 метри и ширина од 7 метри, како и на улиците Јанко Мишиќ и Христо Татарчев крак 6. Реконструкција на коловозот и тротарите направивме на улицата Рилски конгрес, санирана беше улицата Лазар Димитров во должина од 280 метри, а санирани беа улиците и во МЗ Каменик, улицата Локов, улицата Пушкинова, како и повеќе улици во селото Усје.

Фекална канализација изградивме на улиците Благоја Гојан, на улицата 1 во населбата Расадник, на ул. Зеленгора, на ул. Марко Орешковиќ, на крак 1 на ул. Рилски конгрес, на крак на ул. Сердарот, на ул. Методија Патчев, каде изградивме и водоводна мрежа. Во моментов работиме на изградба на фекална канализациона мрежа на улицата 1 во Усје. Знам дека е тажно или ќе употребам уште потежок збор, трагично, да зборуваме за непостоење на фекални канализации во 21 век. Токму затоа, мојата визија за Кисела Вода е до крајот на мојот мандат, ваквите барања да бидат само еден лош спомен.

Зборувајќи пак за водовод, односно изградба на водоводна мрежа мораме да ја споменеме улицата Малешевска 1, но и санацијата на водоводната мрежа кон манастирот Св. Руса.

Во поглед на атмосферската канализација, покрај тоа што првично изградивме атмосферска канализација на улица Зеленгора 1, во завршна фаза е реализацијата на капиталниот проект преку кој Општина Кисела Вода на улиците во населбата Пржино гради атмосферска канализација во должина од 5200 метри, од која подобрени услови за живот ќе имаат околу 3500 жители на општината. Средствата за подобрување на инфраструктурата се обезбедени преку Проектот за подобрување на општинските услуги. Истиот го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска Банка. Речиси целиот проект е завршен, ќе споменам дека во моментов се работи на улицата Саса 6, а нашите следни активности ќе бидат насочени кон поврзување со атмосферска мрежа на последната од предвидените 33 улици, улицата Кавалска.

Покрај ова, интензивно се работеше и на зголемување на процентот на зелени површини во општина Кисела Вода, па така на местото од некогашната депонија на ул.Герника, е изграден нов парк, уредено е парковското зеленило на ул. Киро Фетак, довршен е Паркот на бранителите и извршено негово хортикултурно уредување, ја проширивме и трим патеката, во повеќе наврати се вршеа организирани еколошки акции, засадување на дрвца низ целата општина, се собираше отпадот, повеќе пати годишно се организираа и акции за собирање на кабаст отпад, редовно се чистеа депониите и отворените канали. Сакам да назначам дека значаен чекор во поглед на активностите околу подобрувањето на условите за живеење и подигнувањето на еколошката свест е тоа што изработивме Катастар на загадувачи од општина Кисела Вода.

Од нашите други активности, ќе наведам дека се вршеше осветлување на улиците и тековно одржување на постојното осветлување.

Изградивме повеќе нови детски игралишта со реквизити за детска игра. Во Паркот Пушкин, две нови во паркот Шопен, мултифункционално игралиште во ООУ Кузман Шапкарев, во Паркот Македонија, како и ново игралиште во рамките на ООУ Партенија Зографски. Паралелно, извршивме санација на сите постојни детски и спортски игралишта во општина Кисела Вода. Во насока на подобрување на услугите кон граѓаните, преку соработката со Министерството за локална самоуправа набавивме ново кипер возило, а набавивме и дувалки за снег кои секако, ќе бидат потребни во зимските денови кои следат. Преку поставување на бесплатни вифи зони, интернетот го направивме достапен на сите позначајни локации во овој дел од градот.

Големи реконструктивни зафати се одвиваа и во речиси сите училишни објекти. ООУ Кирил Пејчиновиќ доби нова термоенергетска фасада, реконструирана училишна спортска сала, како и сензорна соба за ученици со попреченост.

ООУ Рајко Жинзифов во Драчево доби целосно нова спортска сала, а реконструирана беше и спортската сала во ООУ Св. Климент Охридски во селото Драчево. Општина Кисела Вода инвестираше и во реконструкција на кровот во ООУ Кузман Шапкарев, a во соработка со МОН тука ги реконструиравме и сите тоалети. Тоалетите ги реконструиравме и во дел од ООУ Партенија Зографски, и целосно во ООУ Кузман Јосифовски Питу. Не изостанаа и градежните зафати во јавните детски градинки на територија на Општина Кисела Вода. Во текот на 2018 се работеше во објектите Мимоза, Синоличка, и во Сончоглед каде беа реконструирани и тоалетите.  Реконструкција, санација и изведување на молерофарбараски работи беа извршени и во објектите Пеперутка 1 и 2 во нас. Драчево, каде беше извршена и реконструкција на тоалетите.За поголема безбедност на дечињата во сообраќајот комплетно ја обновивме хоризонталната сигнализација пред училиштата и градинките на територија на општина Кисела Вода.

И за објектите на ЈДГ 8 Март и за ЈДГ Весели цветови беа обезбедени прочистувачи за воздух. Сакам да најавам дека Општина Кисела Вода преку Проектот за подобрување на општинските услуги кој го спроведува Министерството за финансии, ќе изврши енергетска обнова на ЈДГ „Весели Цветови“ – објект „Мимоза“.

Веќе е распишан и оглас за избор на градежна компанија која ќе  гради  нова детска градинка во населбата  Драчево. Имено, Општина Кисела Вода изработи основен проект за изградба на нова градинка во нас. Драчево, по што аплицираше и доби грант од МТСП за зголемување на капацитетите на јавните детски градинки на нејзината територија.

Воедно Општина Кисела Вода и самостојно ќе гради градинка во населбата 11 Октомври згради. Истата ќе има површина од 1200 квадратни метри и капацитет за 200 деца.

Паралелно со градежните зафати, доделивме награди и за најталентираните ученици, најдобрите наставници, најдобрите воспитувачи и негуватели, а општината го финансираше и обезбедувањето на учениците и објектите на основните училишта.

Големи беа инвестициите во спортот. Целосно ја реновиравме спортската сала Независна Македонија. Го реализиравме проектот за материјална поддршка на спортските клубови и спортските здруженија, за материјална поддршка на Сојузот на училишен спорт, материјална поддршка на спортски манифестации, спортски институции, а со парична награда ги наградивме и спортските таленти  од основните училишта кои гравитираат на територија на Општина Кисела Вода. Дека сево ова дава резултати, говори податокот што за првпат , по 6 години имаме наш прволигаш во кошарка. Кошаркарската екипа ЖКК Бадел е државен првак и освојувач на куп.

Во делот на културата ќе споменам дека беа поставени спомен – обележја на познати личности од Општина Кисела Вода, на доајените на македонската народна музика Пеце  Атанасовски и Никола Бадев на локација во Парк „ Македонија“. Се реализираше проектот Три круши 2018 и Културното лето Кисела Вода 2019, Пушкиновите денови… Крајот на 2019-та ќе биде многу значаен за културниот живот на жителите на општината, посебно на оние од Драчево, бидејќи градежните работи за реконструкција на Домот на култура во селото Драчево се во завршна фаза и ќе финализираат токму на крајот од годинава.

Во овој двегодишен период остваривме бројни соработки со повеќе институции, компании, амбасади, здруженија, оформивме Сојуз на стопанственици кој активно работи, потпишавме многу Меморандуми за соработка.

Би го издвоил заедничкиот проект со Здружението за хумано домување Хабитат Македонија за субвенции и поддршка на енергетски ефикасни домови за станбени згради за колективно домување кој тече во моментов.

Инвестициите се однесуваат на замена на фасадата, односно, термоизолација на надворешни ѕидови со термоизолационен материјал, како и замена на надворешни прозори и балконски врати со енергетски ефикасни прозори и врати, што за жителите на Општината ќе значи заштеда на потрошувачката на енергија, а со тоа и зголемување на средствата во домашниот буџет.

Субвенционирањето ќе биде поддржано со финансиски средства од буџетот на општина Кисела Вода, во висина од 30%, од вкупниот износ на вредноста на инвестицијата за секоја одобрена апликација. Останатиот дел од сумата ќе може да се исплати преку поволен заем чиј услови Хабитат ќе ги дефинира заедно со заедниците на сопственици или индивидуалните сопственици на становите.

 

Средувањето на урбанистичкиот хаос е предизвик за секој градоначалник, посебно за општина како Киселa Вода, каде бројот на примени барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти изнесуваше 14958. Сакам да ве информирам дека во овој момент се решени 8859 предмети. Она што сакам да го потенцирам е дека ќе настојувам да го исполнам своето ветување дадено во предизборната кампања-дека кога ќе го завршам мојот мандат повеќе нема да има дивоградби кои чекаат во некоја папка да бидат легализирани. За ова ќе бидам посебно упорен.

Воедно, во поглед на Деталните Урбанистички Планови за овие две години отпочнати се постапки за Ј 20.10, ЈИ 08,

Отпочнати се и постапки за УПС ЗА С.ДРАЧЕВО И УПС ЗА С. УСЈЕ, а донесена е и измена и дополна на општ акт за село Драчево.

Доделивме преку 700 ваучери за новороденчињата од Општина Кисела Вода. Обезбедивме и огревно дрво за социјално ранливите семејства.

Поаѓајќи од нашите ветувања дека граѓаните ќе бидат секогаш за нас приоритет и вратите на општината секогаш ќе бидат отворени за нашите жители, само во објектот на општината остварив средби со околу 1000 граѓани. Многукратно поголем е бројот на лицата кои добија одговори и услуги преку нашата веб страница, преку социјалните мрежи, при нашите средби во месните заедници кои се одвиваат редовно, неколку пати годишно.

Всушност, голем број од реализираните проекти и решените проблеми произлегоа директно од барањата на граѓаните. Едно од нив на кое посебно сакам да се осврнам беше барањето за дислокација на Центарот за зависности.  Со многу ентузијазам, со многу енергија пристапивме кон решавање на овој горлив проблем и можам да кажам дека сум задоволен што наидовме на разбирање и подготвеност за соработка со Министерството за здравство. Се надевам дека финално, сите ќе бидат задоволни од крајното решение.  Од соработката со другите институции сакам да ја издвојам соработката со Град Скопје, преку која целосно ја реконструиравме улицата Антон Димитров заедно со тротоарите, во должина од 1200 метри. Исто така, со помош на градот Скопје беше извршена рехабилитација на коловозот на ул. Антон Попов. Преку соработка со ЈП водовод и Каналиација, се направи реконструкција на водоводна мрежа на краците 2, 4, 6, 8 и 10 од бул. Борис Трајковски и потоа на истите се постави нов асфалт. Голема благодарност и до ЈПДП кое ја реконструираше улицата Киро Фетак.

Во овој момент сакам да споменам и неколку проекти кои во моментов отпочнуваат и кои ќе се работат во периодов што следи. Имено веќе е распишан тендер за избор на фирма изведувач за реконструкцијата на патот кон верско-рекреативниот центар Три Круши, кој воедно ќе добие и целосно ново осветлување. Веќе споменав дека во моментов се работи на изведба на атмосферска канализација на ул. Саса 6 како и изградба на оваа улица. Завршувањето на атмосферската канализација на Кавалска, ќе значи и финализација на големиот проект за изградба на атмосферска мрежа во Пржино во должина од 5.2 км.

Во насока на максимално подобрување на условите во областа на културата, спортот, образованието, социјалата, екологијата, здравството, младите, за лицата со посебни потреби, распишавме оглас на кој за материјална поддршка можат да аплицираат здруженија на граѓани и фондации кои изразуваат јавен интерес, и со својата стручност ќе можат да учествуваат во развојот на општината.

Посебна благодарност и до Советот, неговиот претседател Дарио Шимиќ и сите останати 22 советници. Се заблагодарувам за конструктивниот приод и работната атмосфера на сите досега одржани 30 седници. Сите овие досега спомнати проекти ќе останеа само идеја запишана на хартија доколку советниците и општинската администрација не ја работеа совесно својата работа. Благодарам велам и за поддршката на централната власт и за сите опшествено одговорни компании кои ни помогнаа да ги реализираме проектите ЗА ГРАЃАНИТЕ.

Ви благодарам и вам, на медиумите кои се трудите информациите околу работењето на Општина Кисела Вода да ги пренесувате точно и објективно, што е во интерес на сите нас.

 

 

Треба да знаете
Последни објави