Перспективите на Република Северна Македонија и Република Албанија се во ЕУ и во НАТО. Евроатлантскиот пат нема други алтернативи за земјите од регионот, бидејќи само на тој начин се можни вистински демократски слободи и права на граѓаните во државите и економски и културен развој согласно европските вредности, констатираа денеска премиерот Зоран Заев и првиот пратеник на македонското малцинство во Албанија, Васил Стерјовски.
На средбата заедничка беше и оценката дека добрите пријателски односи меѓу двете земји отворија можности за надминување на повеќе наследени состојби од минатото и шанси за ефикасно работење на гранични премини, подобрување на инфраструктурата и образовни унапредувања во местата каде што живеат граѓани од македонското национално малцинство во Албанија.
Стерјовски, кој од скоро е и нов претседател на Македонска алијанса за европска интеграција, партијата на македонското национално малцинство во Албанија, се заблагодари за поддршката на премиерот Заев и на Владата.