Пендаровски: Не ни паѓа на памет да се задоволиме со членството во некаква европска економска зона

Последиците по Северна Македонија од одлуката на Самитот на ЕУ за неотпочнување на преговорите за членство, предлогот за одржување Самит на земјите од Западен Балкан и ЕУ, членството на земјава во НАТО, односите со Србија и неговото мислење за промена на границите на Балканот, беа темите на кои се осврна претседателот Стево Пендаровски во интервју за РТС, во пресрет на неговата посета на Белград на 22 ноември на официјална покана на шефот на српската држава Александар Вучиќ. Пендаровски констатира дека постои долга историја на разочарување од ЕУ, од Лисабонската декларација во 1992 година, грчката блокада за НАТО во Букурешт во 2008 година, па се до денес со ставот на Франција.

– (Францускиот) претседател (Емануел) Макрон спомена неколку категории освен проширувањето. Тој целиот регион двапати го именуваше како соседи. Ние не сме соседи на ЕУ, соседи се земјите од Источното партнерство, Молдавија и државите од Централна Азија и Северна Африка. Ние преговараме за да станеме членки. Конечно, на еден од своите состаноци во Брисел, на нашата делегација неофицијално и беше кажано дека во високи европски кругови се размислува за алтернатива за членство која се вика европска економска зона. Тоа е форма на поширок европски пазар, но не и да сте член во политичките институции, изјави Пендаровски.

Шефот на државата додаде дека идејата за одржување Самит на земјите од Западен Балкан и ЕУ е со цел да се отфрлат алтернативите на евроинтеграциите, сакаме „да кажеме дека не сме задоволни со ова, бидејќи се однесува на оние кои веќе преговараат”.

– Мислам дека сите што сме погодени со ова треба да потпишеме декларацијата, дека после толку години не ни паѓа на памет да се задоволиме со членството во некаква европска економска зона, дециден е Пендаровски.

Одговарајќи на прашањето за поврзаноста на примената на Преспанскиот договор со почетокот на преговорите за членство со ЕУ, Пендаровски вели дека во спогодбата со Грција се наведува дека „ќе одиме од поглавје до поглавје, на пример екологија, човекови права”. – Па така, коресподенцијата во оваа област, не во целина, со Брисел мора да биде со новото име, што се нарекува секторска примена, истакнува Пендаровски.

– Знам дека некои националисти велат оти ова не е валидно, бидејќи немаме датум, да се вратиме наназад. На страна што за ова е потребна уставна промена и две третини во Собранието, но националистите забораваат дека затоа што го сменивме нашето име, брзо ќе станеме членка на НАТО. Не го сменивме џабе, изјави Пендаровски.

На прашањето на РТС за односите со Србија „од обвинувањата за шпионажа, па до соработката и заедничкиот граничен премин и плановите за „мини Шенген”, Пендаровски вели дека на билатералните односи влијаела нашата внатрешна криза.

– Како што се одвиваше нашата внатрешна криза, така трпеа и односите со соседите, Србија беше една од нив. За жал, ова кулминираше на 27 април со упадот во Собранието, а дали имаше соодветни реакции, можеме да дебатираме. Особено сум задоволен што премиерот (Зоран) Заев во изминатата година или две се обиде да се отвори кон Белград и другите градови, што вроди со плод. Комуникацијата со српската Влада и со претседателот е одлична, со одделни изјави за кои дополнително можеби ќе треба објаснување, но премиерот Заев има добри намери, нагласи Пендаровски.

Тој натаму нагласува дека српскиот претседател Вучиќ ми направил чест кога дојде на неговата инаугурација. – Имавме билатерална средба, интересна, конструктивна. Очекувам дека ќе продолжиме да разговараме во тој дух кога ќе се сретнеме во Белград, истакна шефот на државата.

Пендаровски на крајот од интервјуто се осврна и на решавањето на косовското прашање, при што го нагласи неговото противење на идејата за промена на границите.

– Постои една моја изјава, која наиде на негативни реакции од српската Влада, но тоа е легитимно, немам проблем со тоа. Јас водам сметка за мојата земја. Најважно е државата да остане во границите во кои што е. Мојот став е дека нема договор без меѓународната заедница, иако волјата на Белград и на Приштина е суштинска. Мислам дека косовското прашање не треба да се затвори, а да се отворат уште две-три други во регионот, да нема домино ефект. Дури и кога се менуваат границите, меѓународниот фактор мора да гарантира дека решението меѓу Белград и Приштина ќе се однесува само на Белград и Приштина. Иако јас мислам дека ќе биде катастрофа ако границите започнат да се менуваат низ поранешна Југославија или Југоисточна Европа, мислам дека е тоа е анахроно решение. Но, дајте гаранции дека нема да не погоди и дека нема да биде засегнат нашиот територијален интегритет, изјави претседателот Пендаровски во интервјуто за РТС.

Треба да знаете
Последни објави