„Медиумскиот сектор во современите општества е еден од базичните столбови на кој се потпираат демократските стандарди и вредности, без кои пак е невозможна нужната општествена функционалност и просперитетност. Оттаму, не случајно, современите демократски општества, како своевиден континуиран приоритет го имаат овозможувањето, но и унапредувањето на местото и улогата на новинарската професија и медиумските стандарди, не само од аспект на начела и норми, туку и од аспект на заштита и безбедност на медиумите во остварувањето на нивните задачи. Во тој контекст, дозволете ми да истакнам дека за нас како извршна власт, а особено за Министерството за внатрешни работи, од огромно значење е, како воспоставувањето на квалитетна и тесна комуникација со медиумите, така и обезбедување сигурни услови за работа на новинарите и другите медиумски работници. Всушност МВР, односно ние како актуелно раководство на институцијата, уште при почетокот на нашиот мандат јасно дадовме до знаење дека таа соработка и комуникација се на самиот врв на агендата на активности што сакаме да ја реализираме во насока на реформирањето на полицијата и тоа го покажавме не само преку примерот со експедитивното расчистување на случаите на напади во периодот од 2017 година, туку истовремено ги интензивиравме соработката и дијалогот со претставниците на медиумските здруженија со цел да изградиме оптимален партнерски однос во интерес на јавноста и граѓаните, “, рече министерот Оливер Спасовски на денешното одбележување на Меѓународниот ден за прекинување на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите.
„Потпишавме меморандум за соработка со ЗНМ, а во изминативе две ипол години континуирано соработуваме и заеднички работиме во интерес на новинарите. Меѓу другите заеднички активности се и работилниците на кои учествуваат припадници на МВР и новинари, а во соработка со ОБСЕ и холандската амбасада. Минатата година заеднички го изработивме Прирачникот за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик, а годинава работиме на протоколот за односи меѓу полициските службеници и медиумските работници. Се во интерес на медиумските работници и нивното безбедно и непречено извршување на работните задачи. Се разбира,како што нагласив претходно, тоа е процес кој бара постојана опсервација и ангажман, што, пак, ќе овозможи натамошно унапредување на позицијата на новинарството, секако и во делот на личната безбедност и заштита на луѓето што се занимаваат со оваа професија“, рече Спасовски.
Министерството за внатрешни работи, како и до сега, останува отворено за сите предлози и идеи на медиумските асоцијации, за со заедничка работа и придонес да достигнеме уште повисоки стандарди.