Гостинот од САД кој деновиве е во посета на земјите од регионов Метју Палмер, инаку спски зет, вчера истакна дека Србија ризикува да се соочи со санкции од САД поради купувањето руска воена опрема. На оваа закана не остана без одговор претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
-Не набавивме С-400, а за сѐ останато тие одамна знаат и не мислам дека претставува било каков проблем. Ние секако ќе водиме сметка, бидејќи не би сакал на кој било начин кој било во Србија да биде изложен на санкции од страна на најголемата светска сила. Без оглед што тие би биле целосно неоправдани и неправедни, рече Вучиќ по повод заканата со санкциите од страна на САД.
Претседателот на Србија Вучиќ возврати на изјавата од специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан Палмер и за состојбата со Косово.
-Ако е сѐ така како што кажа Палмер, и тоа на Косово каде што очекував дека ќе побара намалување на очекувањата на приштинските власти и дека ќе им укаже на тоа дека е неопходен компромис, се прашувам зошто тогаш да преговараме? За тоа во кој момент да го признаеме независно Косово, а тие за тоа да ни ги укинат царините?“, праша српскиот претседател.
Вучиќ имаше одговори и на изјавата на Палмер за кампањата за повлекување на признавањето на Косово.
-Ме изненади фактот што Палмер зборува за агресивна кампања на Србија во однос на повлекувањата на признавањето на независноста на Косово, а никаде не сме прифатиле договор да се откажеме од лобирањето ниту негде тоа сме го потпишале. Ќе потсетам дека лично нудев и едните и другите да ги прекинеме кампањите на признавање и одпризнавање, но Албанците за тоа никогаш не сакаа да разговараат затоа што, според нив, секоја приказна за престанување на кампањата би значело дека тие не се држава. Но за мене е неверојатно тоа што Палмер и Албанците мислат дека само тие имаат свои интереси а дека Србите ги немаат“, истакна претседателот на Србија.