Застапеноста на Албанците продолжува да биде запоставена дури и во институциите што се раководени од Албанците, велат од Алијансата за Албанците.
„Агенцијата за спроведување на законот е новоосновано тело кое го надгледува спроведувањето на законот за употреба на јазиците, што беше донесен од страна на пратениците во Собранието. Оваа институција има обврска да го контролира спроведувањето на законот за употреба на јазиците, и албанскиот јазик како втор најзборуван јазик на државно ниво. Затоа, Алијанса за Албанците смета дека во оваа институција мнозинството вработени треба да бидат Албанци“, се наведува во соопштението од партијата.
Се поставува прашањето, додаваат од таму, како кадарот на ДУИ преку вработување на други националности ќе го контролира спроведувањето на законот за употреба на албанскиот јазик, кога во клучните раководни позиции се вработуваат Македонци.
Од АА велат дека на конкурсот за вработување за вкупно пет работни места, вработени се тројца од македонска националност, еден Албанец и еден ром.
„Државен советник за лекторирање – од македонска националност. Државен советник за владина соработка и односи со јавност – од македонска националност. Раководител на одделот за соработка со Владата на Република Северна Македонија, Сектор за поддршка на директорот – македонска националност. Раководител на одделот за лекторирање, Сектор за превод и лекторирање – Албанец. Соработник за мониторинг, промовирање и заштита на употребата на јазикот, Сектор за планирање, координација и развој – од ромска националност. Вистина е дека застапеноста и дениграцијата на Албанците во државните институции продолжува“, велат од АА.