Македонската ЕУ перспектива е жива – наредните 6 месеци се многу важни, вели новиот претседателот на Европски Парламент, Италијанецот Давид Сасоли. Со оваа порака Сасоли в понеделник доаѓа во Скопје и во земјава ќе престојува два дена.Ова ќе биде негова прва официјална посета на некоја држава надвор од ЕУ откако стапи на функција летово. Во Македонија е планирано да оствари средби со премиерот, претседателот на Собранието и пратеничките групи.
Првиот човек на Европскиот парламент Сасоли порачува дека француското вето е препрека која ќе се надмине. Темата за проширувањето сега е во фокус на јавноста низ ЕУ и треба да се земе како предност, да се искористи. Според Сасоли моторот на ЕУ се граѓаните, а не само лидерите.
-Наредните шест месеци ќе бидат многу важни. Мислам дека треба да стигнеме на самитот во Загреб со консензус од европска страна. Тоа што ќе го стори новата Европската Комисија ќе биде одлучно. Веруваме дека новата Комисија ќе го следи истиот пат како и Комисијата на Јункер, дека ќе продолжи со овие напори и ќе ги трансформира во нешто солидно. Не губиме време и наредните шест месеци нема да бидат изгубени. Ова ќе биде исто така можност да ја истакнеме нашата одлучност.“ – изјави Давид Сасоли претседател на Европски Парламент.
Европарламентот по неуспехот во Брисле да се одреди датум за Македонија и Албанија за почеток на преговри со ЕУ, усвои Резолуција и формира нова интерна група на Европратеници од различни политички групи.
-Можам да ве уверам дека ние притискаме ЕУ да оди по вистинскиот правец, а тој правец е да се зајакне Унијата и да се зајакне исто така Европската ориентација на Западен Балкан и сметам дека вашата земја, Северна Македонија е меѓу пионерите на таа ЕУ ориентација на земјите од Западен Балкан. Вие направивте многу и заслужувате почеток на пристапни преговори, се разбира дека има многу нешта кои треба да се направат и останува на Европскиот Парламент да ја отвори вратата и да ја креира мапата за вашиот пат, а од вашата земја и вашите граѓани забрзано да ги имплементираат сите потребни промени и реформи.“ – изјави Димитриос Пападимулис потпретседател на Европски Парламент.
Европскиот Совет ќе пронајде пат за Македонија и Албанија, затоа што одлуката за недобивање датум е длабоко негативна порака за целиот регион, порача и Метју Палмер, специјалениот претставник на САД за Западен Балкан, кој деновиве е во посета на земјите од регионов.
-Мислам дека се праќа негативна порака не само за Северна Македонија и Албанија, туку се создава негативна атмосфера и за дијалог. Неуспехот на Европскиот совет да постигне компромис е длабоко несреќен и верувам дека го враќа процесот назад и праќа негативна порака до двете страни, меѓутоа мислам дека тие треба да одат понатаму и покрај тоа.“ – изјави Палмер.
Наредната шанса за добивање зелено светло за преговори е во мај идната година за време на Европскиот Совет во Загреб.