Технички софистициран крадец пустоши низ станови во скопската општина Карпош. Во изминатите два месеца мета му биле повеќе од 30 станови. Влегувал и си заминувал без никаков проблем. Крадел во станови кои претходно ги имал маркирано, дознава „Слободен печат“.
Пленот кој го зел крадецот е вреден над 40.000 евра. За овој „експерт“ новите кодирани брави и блиндор – врати не се никаков проблем. Ги отвара за десетина секунди, без никој да го слушне. Истражителите, како што дознаваме, кои со недели се мачат да го фатат на дело, велат дека од поодамна се немаат соочено со ваков „професионалец“ во својата област. Токму тие тврдат дека овој крадец е толку внимателен во тоа што го работи, што не остава зад себе ни ДНК трага.
Последната серија кражби се извршени во големиот нов станбен блок на булеварот „8 Септември“ во Тафталиџе 1.
– Во оваа зграда има обиено над 10 станови. Сите станови имаат нови брави и врати. Бравите се заштитени со клучеви кои мајсторите ги нарекуваат „К2“. Станува збор за брава која се отвара со еден калаус клуч додека станот е во изградба. Кога сопственикот ќе го добие станот, добива и сет од пет клучеви. Штом еден клуч од сетот се стави во бравата, се активира заштитниот систем и може да се отвори само со клуч од сетот. Барем така ни беше речено. Но, ете за крадците нема проблем ни оваа брава – вели станарка на зградата, која од ненајавената посета на крадецот, ја спасило чиста среќа.
Таа вели дека додека била дома се обидела да ја отклучи бравата за да излезе, но никако не и успевало тоа да го стори.
– Дента требаше да бидам прва смена на работа, но ден претходно се сменив со колегата, па наместо прва, бев втора смена на работа. Кога требаше да одам на работа, сакав да ја отворам вратата, но увидов дека не се отвара бравата. Вртев лево и десно со клучот, правев сè за да се отвори бравата, но извесен период не беше можно. Помислив дека можеби сопругот го има заборавено и свртено клучот обратно на бравата, па бидејќи со соседите на Вибер имаме своја група пишав дали ќе може некој да го отстрани клучот. Сосетка која дојде до мојата врата, ми јави дека во бравата има нешто што наликува на клуч. Ми рече „седи внатре, јас ќе повикам полиција“. Кога дојдоа полицајците увидовме дека мојот стан бил пикиран од крадец – вели жената.
Како што дознава „Слободен печат“ истражителите имале сомненија за едно лице како можен сторител на низата кражби, но велат дека тешко им оди обезбедувањето докази за да може пријавата да биде несоборлива.
– Користи антибактериски гелови кои ги нанесува на рацете за да не остави ДНК трага зад себе. Таму каде што отвара, предметите ги допира со стерилизирани алатки и со лабораториски ракавици. Нема оставено никаде отисок. Вратите не ги отвара со „чешел“ или со друга алатка. Тоа за него е „демоде“ опрема. Од досегашните докази може да се увиди дека користи машинка која за брзо време изготвува одлична копија од клуч со кој ја отвара маркирана врата – велат истражителите.