Лидери од АСЕАН повикаа за отворање на регионален пазар

Лидерите од земјите на Асоцијацијата на држави на Југоисточна Азија (АСЕАН) повикаа денеска на самит во Бангкок за отворање регионален пазар. Главната тема на годишниот самит е Азиско-пацифичкиот договор за слободна трговија промовиран од Кина.

Кина, која е во трговски спор со Вашингтон, се обидува да го зајакне своето влијание во регионот преку промовирање на договор наречен Регионално интегрирано економско партнерство (РЦЕП).

Доколку биде ратификуван, договорот ќе биде еден од најголемите за слободна трговија во светот, со кој ќе се соберат скоро половина од светското население и повеќе од 30 проценти од БДП во светот.

Премиерот на Тајланд Прајут Чан-О-Ча рече дека регионалната соработка треба да биде приоритет со цел да се подобри поврзаноста помеѓу земјите.

На самитот, што трае до понеделник, учествуваат високи претставници од десет членки на АСЕАН – Индонезија, Тајланд, Сингапур, Малезија, Филипини, Виетнам, Мјанмар, Камбоџа, Лаос и Брунеи. На самитот се и претседателот на Јужна Кореја, како и премиерите на Кина, Русија и на Јапонија. САД се претставени од министерот за трговија Вилбур Рос и советникот за национална безбедност Роберт О’Брајан.

Треба да знаете
Последни објави