Амбасадорот на делегацијата на Европската унија во Албанија, Луиџи Сореца изјави дека се неприфатливи заканите кон новинарите и острата реторика што ја користат некои политичари во земјата, јави дописничката на МИА од Тирана.
– Во последно време има закани кон новинарите и тоа е неприфатливо. Како што е неприфатлива и острата реторика што ја користат политичките актери овде во Албанија, порача Сореца, додавајќи дека Унијата го поддржува независното новинарство во Албанија.
Посочува дека ЕУ доделила грант од 750.000 евра за медумите во оваа земја и оти сега „останува на новинарите да излезат со иновативни и независни идеи”.
– Доделени се 750.000 евра како грант, што е огромна цифра кога станува збор за медиумите. Значи, сега топката е на страната на новинарите да ни дадат иновативни идеи. Исто така, ќе има дополнителна поддршка за независни продукции следната година, како и други аспекти поврзани со медиумски знаења, изјави Сореца.
Според него, до пред неколку години, ЕУ не давала финансиска асистенција за медиумските организации во Албанија.
– Во тоа време, медиумската заедница зборуваше искрено за разочарувањето од ЕУ, но и за високите очекувања од нас. Поради оваа причина, нема сомнение дека сме со албанските новинари, за да ги направме помоќни. ЕУ бара кредибилитет во известувањето, бидејќи лажните вести и дезинформациите се лоши, нагласи Сореца, пренесува телевизијата Ора Њуз.