Претседателот на ЕП, Сасоли утре во посета на Северна Македонија

Новоизбраниот претседател на Европскиот парламент Давид Сасоли утре ќе ја посети Република Северна Македонија. Пред неговата посета на земјава, во интервју за МИА, вели дека блокадата на преговорите во ЕУ ја освести европската јавност за важноста на ова прашање. Смета дека француското вето на последниот самит е само мала пречка на патот која ќе се надмине во наредните месеци.

– Одлучив првата посета надвор од ЕУ да биде во Северна Македонија, а потоа Албанија затоа што верувам дека овие две земји направија огромни напори да станат членки на ЕУ, и ние треба тоа да го признаеме и да им помогнеме на нивниот пат кон успехот. Нема да се откажеме. Најдоброто нешто, освен тоа што има мала пауза во процедурите сега е што владите, парламентите и јавното мнение во ЕУ поддржува отворање на пристапните преговори со овие земји. Ова е точно и на север, и на југ и на исток, и на запад на ЕУ. Како во секој демократски процес, се разбира, мораме да постигнеме одлука со консензус. Имаше минорни противења во овој случај, но верувам дека многу скоро ќе можеме да ја надминеме оваа пречка. Северна Македонија и нејзиниот народ тргна на пат кон многу важни реформи и тоа го сторија затоа што веруваа дека тоа ќе ги отвори вратите за членство. Ние ги вреднуваме овие резултати како крајно позитивни. Ова е вистина и во Европскиот Парламент и Европската Комисија, но и во огромното мнозинство влади на земјите членки. Имаме заедничка судбина, рече Сасоли. 

Сасоли во интервјуто за МИА посочува дека наредните шест месеци ќе бидат многу важни, како и Самитот во Загреб. 

– Мислам дека треба да стигнеме на Самитот во Загреб со консензус од европска страна. Тоа што ќе го стори новата Европската Комисија ќе биде одлучно. Веруваме дека новата Комисија ќе го следи истиот пат како и Комисијата на Јункер, дека ќе продолжи со овие напори и ќе ги трансформира во нешто солидно. Не губиме време и наредните шест месеци нема да бидат изгубени. Ова ќе биде исто така можност да ја истакнеме нашата одлучност. Има само една пауза на еден долг пат, но последниот збор сѐ уште не е кажан. Друга работа која за нас е импресивна е тонот на јавната дебата во Северна Македонија: секако дека луѓето се разочарани, тоа е природно, но има силен сигнал на надеж, ова е многу позитивно и мораме да градиме врз тоа, вели Сасоли. 

Новиот претседател на Европскиот парламент потсетува дека имало серија барања од Северна Македонија и Албанија и додава дека сега мора да им се даде сигнал дека се на прав пат и тие да продолжат со напорите. 

Според Сасоли, Северна Македонија покажала интерес и за други прашања, како на пример евроатлантскиот систем на одбрана, што за него е навистина доказ дека има волја за приближување кон европското семејство. 

Треба да знаете
Последни објави