Намален бројот на вработени преку користење мерки од Агенција за вработување

Само шест лица лани биле вработени како резултат на користење на активните програми, мерки и услуги за вработување од Агенцијата за вработување од вкупно 818 анкетно интервјуирани лица, што е помала бројка во однос на 2017 година кога биле вработени 56 лица. Пристапот до мерките преку регистрирање во Агенцијата е отежнат, бидејќи 55 отсто од анкетираните воопшто не се пријавуваат во Агенцијата за вработување.

Ова го покажуваат наодите од анкетирањето на граѓани од акцијата „Здруженска” спроведено во четири општини: Битола, Струмица, Свети Николе и Тетово.

Како што информира Марија Савовска, теренски координатор на проектот од Акција „Здруженска” на денешната прес-конференција во Скопје, четири од овие лица вработени преку мерките се од Свети Николе, каде што и минатата година имало највисока бројка на вработени. По едно лице има вработено во Струмица и Битола, а во Тетово не е најдено ниту едно такво лице.

Во однос на половата структура, Савовска вели дека постои паритет, бидејќи три од нив се жени, а три мажи.

Што се однесува до мерките за вработување, тројца се вработиле преку мерката Поддршка при барање работа, двајца преку мерката Самовработување и едно лице преку мерката Субвенционирање на плати.

-Пристапот до мерките преку регистрирање во Агенцијата и понатаму е отежнат, бидејќи идентификувани се повеќе од половина, односно 55 отсто кои воопшто не се пријавуваат во Агенцијата за вработување. Тука нема подраматична разлика од минатата година, но она што загрижува е што драматичен процент од нив, 91 отсто не се регистрираат две или повеќе години во Агенцијата, вели Савовска.

Таа информира дека многу низок процент на регистрираните лица се запознаени со мерките и услугите кои ги нуди Агенцијата за вработување. Во Струмица не е идентификувано ниту едно од испитаните лица кое е запознаено со мерките.

Во Свети Николе вели дека има ситуација каде што и покрај високата стапка на запознаеност, односно на пријавување во Агенцијата, има најмала стапка на информираност на граѓаните за мерките и услугите.

-Најпознати мерки меѓу оние кои се запознаени се мерките Поддршка за самовработување и практиканство и услугата Помош при барање работа, додека најмалку познати кај оние кои се упатени во мерките се Гаранција за млади и јавни работи и Советување и мотивација за користење гарантирана минимална помош, со само 3 отсто од испитаните, додава Савовска.

Буџетската анализа во однос на начинот на имплементација и трошење на средства од оперативниот план за вработување на Агенција за вработување во 2018 година, спроведена од страна на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) покажува дека приходите на Агенцијата за вработување континуирано на годишно ниво растат.

Како што наведува Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ, на истата прес-конференција, лани се трошеле помалку средства од пробраните приходи за 30 отсто, а вкупниот буџет на Агенцијата за вработување лани е пораснат за 583 милиони денари во однос на 2017 година, а буџетот за активните програми и мерки е пораснат за 154 милиони денари.

-Најголемиот дел од средствата кои се прибираат во буџетот на Агенцијата за вработување се користат за исплатување на надомест во случај на невработеност, односно надомест за лица кои се невработени а работеле претходно во некои компании во доминантна државна сопственост, а претрпеле приватизација и останати видови надоместоци за невработени лица, вели Антиќ.

Антиќ информира дека од активни програми и мерки во 2018 година потрошени се 1069 милиони денари за спроведување на активни програми и мерки за вработување.

-Во однос на Програмата за самовработување во 2018 година потрошени се 404 милиони денари, сите средства се префрлени на програмата за развој на Обединети Нации односно УНДП. Има зголемување на средствата во однос на 2017 година, за 39 милиони денари односно 390 милиони денари повеќе во однос на 2014 година. Во 2018 опфатот на лица преку Програмата за самовработување е намален, односно за 461 лице помалку во однос на 2017 година.

Најголем дел од бизнисите кои се подржани во рамки на програмата, како што вели Антиќ, се бизниси кои се однесуваат на услужните дејности.

Треба да знаете
Последни објави