Последното истражување на Њујорк Тајмс за злоупотребите со европските земјоделски фондови во земји од источна Европа денеска не предизвика конкретни одговори од Европската комисија.
Њујорк Тајмс во своето викенд издание откри дека милијарди евра од фондовите на Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) на ЕУ се злоупотребуваат во партиски и политички цели, меѓу другото во Унгарија, Чешка или Бугарија.
Истражувањето кое новинарите го воделе девет месеци во повеќе земји членки на ЕУ обелодени како унгарскиот премиер, Виктор Орбан, ги користи земјоделските фондови на ЕУ за да ги дистрибуира на членови на неговото семејство, пријатели и партиски лојални членови.
Во Чешка е инволвиран исто така премиерот Андреј Бабиш, кој веќе се наоѓа под истрага за злоупотреба на ЕУ фондови. Минатата година во Словачка е убиен новинарот Јан Куциак кој истражуваше токму за финансиски злоупотреби во земјоделството.
-Европската комисија има нула толерантност за злоупотреби на ЕУ фондовите и поради тоа инсистира земјите членки да се заложат за спречување на злоупотребите. ЕУ има многу јасни правила за тоа како треба да се управува со ЕУ фондовите, меѓу другото кога станува збор за земјоделските фондови, изјави денеска Даниел Росарио, портпарол на Европската комисија за земјоделство на новинарско прашање.
Тој понатаму додаде дека “според принципот на заедничко управување, земјите членки се први одговорни за добро и легално управување со ЕУ фондовите.”
-Европската комисија многу сериозно ги сфаќа сите наводи и сомнежи за злоупотреба или лошо управување со фондовите. Сите поплаки треба да се упатат до ОЛАФ (ЕУ тело за борба против малверзации, нз). Повеќе истраги се моментално во тек. ЕК спроведува и сопствени ревизии, меѓу нив некои се во тек во Чешка и Унгарија. Ако истрагите донесат докази за злоупотреба тие се препраќаат во ОЛАФ за дополнителна истрага, прецизираше Росарио.
Останува дека најгорливото прашање за искористување на фондовите во партиски и политички цели е во рацете на земјите членки, а истражувањето покажува дека токму владите на тие земји членки ги злоупотребуваат фондовите.
-Што се однесува до прашањето за владеење на правото во однос на сопственост на земјиштата, прво одговорноста за дејствување се наоѓа кај земјите членки. Меѓутоа, секогаш кога има наводи за лошо управување во земјите членки, службите на ЕК внимателно ги разгледуваат случаите како што се прави сега по наводите во неколку земји членки како Чешка и Унгарија, вели Росарио.
Европската комисија, исто така, не беше во можност да одговори дали планира да ги измени сегашните правила кои им дозволуваат на политичари, пратеници, министри да имаат пристап до фондовите и да спречи во иднина конфликт на интереси.
Заедничката земјоделска политика претставува околу 40 отсто од вкупниот буџет на ЕУ и е една од најзначајните европски политики. Составот на ЕК во заминување предложи реформа на ЗЗП со која им се дава поголема моќ на земјите членки во искористувањето на фондовите.