Отпуштен извршниот директор на „Мекдоналдс“ зашто имал врска со вработена

„Мекдоналдс“ го отпушти извршниот директор Стив Истербрук бидејќи имал врска со вработена. Американкиот гигант за брза храна соопшти дека врската била консензуална, но Истербрук ја нарушил политиката на компанијата и покажал „слаба проценка“.

Во писмо до компанијата, британскиот бизнисмен ја признал врската со вработената и рекол дека било грешка.

„Со оглед на вредностите на компанијата, се согласувам со бордот дека е време за мене да продолжам понатаму“, напиша Истербрук.

Инаку, 52-годишниот Истербрук, кој е разведен, почнал со работа во „Мекдоналдс“ во 1993 година, како менаџер во Лондон, пред да напредува во компанијата. Тој бил поставен за извршен директор на компанијата во 2015 година.

Истербрук е заслужен за ревитализацијата на менијата и рестораните на фирмата, преку реновирање  продавници и користење  подобри состојки. Под негово водство, „Мекдоналдс“ исто така ги прошири опциите за испорака и за мобилно плаќање за да ја истакне практичноста.

Одборот на гигантот за брза храна гласаше за заминувањето на Истербрук. Тој, исто така, се повлече од функцијата претседател на „Мекдоналдс“ и член на бордот.

Според правилата на компанијата, на менаџерите им се забранува да имаат романтични врски со персоналот.

Треба да знаете
Последни објави