Пендаровски во посета на Тетово и Теарце во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“, денеска ги посети општините Тетово и Теарце.

Во Тетово, Пендаровски, придружуван од градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, ја посети Шарената џамија, една од најрепрезентативните обележја на исламската архитектура во Македонија. Пред претседателот Пендаровски беше претставен историјатот на Шарената џамија од страна на имамот Баки Касами.

Пендаровски го посети фудбалскиот клуб Љуботен, кој годинава одбележува 100 години од формирањето. Пред претседателот беа посочени проблемите кои ги има фудбалскиот клуб во неговото функционирање, вклучувајќи го и најголемиот предизвик со кој во моментов се соочува клубот – немањето на сопствен стадион, информираат од Кабинетот на Пендаровски.

За време на посетата на Тетово, претседателот се сретна со младиот иноватор Орхан Багашов, кој во својот дом околу една година развива робот со вештачка интелигенција. Багашов има освоено бројни награди и признанија, меѓу кои и златен медал на меѓународниот натпревар „ИнфоМатрикс“ во конкуренција од 347 проекти, за својот проект ротирачки 3Д принтер. Претседателот Пендаровски ја истакна потребата од поддршка за младите иноватори како Багашов, за да продолжат својот потенцијал да го развиваат во сопствената држава.

Во изјава за медиумите, Пендаровски рече дека по Велес и Кочани, Тетово е третиот град којшто го посетува во рамки на проектот “Лице в лице со Претседателот”.

„Граѓаните не треба со своите проблеми или со своите дилеми да доаѓаат кај мене во Кабинет. Најдобро е јас да дојдам кај нив, да ги слушнам. Но, се разбира, а тоа го покажува и структурата на мојата посета, дека нема да се занимаваме само со проблемите. Тоа не значи дека кај нашите граѓани нема проблеми, коишто ќе ги решаваме. Но, мојата намера во рамки на овој проект е да ги истакнам и позитивните примери. Тие луѓе се меѓу нас, а сеуште не знаеме колку вредат и колку придонесуваат за позитивниот имиџ на земјата и многу подалеку од границите на државата“, изјави претседателот Пендаровски во Тетово.

Пендаровски, во Центарот на култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово оствари средби со новинари од локалните медиуми и со претставници на граѓански организации од тетовскиот регион, на кои беа разменети мислења за предизвиците со кои се соочуваат во нивната работа.

Претходно, во Теарце, претседателот Пендаровски го посети основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, кадешто учат ученици од македонската, албанската и турската етничка заедница. Покрај мешаниот етнички состав, карактеристично за училиштето е што учениците по избор изучуваат и јазик којшто не им е мајчин. Учениците и вработените во училиштето ја истакнаа потребата за нови учебници, со цел подобрување на квалитетот на наставата.

Во селото Слатино, претседателот Пендаровски ја посети Рита Бехадини, која преку социјалните мрежи покрена и реализира акција за собирање на училишни материјали и прибор, за ученици од семејства со социјален ризик. Претседателот Пендаровски оддаде признание за активностите на Бехадини, истакнувајќи дека нејзиниот пример треба да го следат и други млади луѓе.

За време на посетата на тетовскиот регион, Пендаровски го посети Лешочкиот манастир. Во придружба на тетовско-гостиварскиот митрополит Јосиф, претседателот Пендаровски ги посети црквата “Св. Атанасиј” и црквата “Св. Богородица”, како и конаците во рамки на манастирскиот комплекс, каде е сместена спомен-собата на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ. Претседателот Пендаровски беше запознаен со историските факти за манастирот и за конаците, а беше истакната потребата за поголема заштита на културно-историското богатство на манастирот, особено на црквата “Св. Богородица”, која датира од 14-от век.

Во селото Џепчиште, претседателот Пендаровски го посети етно музејот во сопственост на Симеон Златев – Моне, кој се смета за најмал етнолошки музеј во светот. Во музејот, на вкупно 7,2 метри квадратни, има изложено околу 1150 експонати, од вкупно 2000 експонати што Златев ги собирал во изминатите три децении. Сопственикот на музејот го информираше Пендаровски за намерата и официјално да го внесе неговиот музеј во Гинисовата книга на рекорди како најмал етнолошки музеј во светот.

Проектот „Лице в лице со претседателот“ е инициран во изборната програма на Пендаровски. Целта е преку посети на населените места во Северна Македонија, тој да се сретне со што е можно повеќе граѓани, и одблиску да ги слушне проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, како и идеи за нивно надминување.

 

Треба да знаете
Последни објави