Федерален судија во Орегон ја забрани примената на новото имиграционо правило на администрацијата на Доналд Трамп, со кое се бара имигрантите да докажат дека можат да платат здравствено осигурување или потенцијално лечење во Америка пред да добијат виза.
Судијата во Портланд, Мајкл Симон, со својата одлука спречи тоа правило да стапи на сила на 3 ноември, но не е јасно кога ќе се одлучува за законитоста на мерката.
Непрофитабилни организации и седум државјани на САД ја тужеа администрацијата, тврдејќи дека таквата мерка ќе спречи две третини од легалните мигранти да дојдат во Америка.
Околу 1,1 милиони луѓе годишно добиваат зелен картон.Претседателот Доналд Трамп потпиша прокламација на почетокот на октомври, во која се опфатени сите што бараат американска виза од странство. Таа не се однесува на оние што се веќе во САД, како и на барателите на азил, бегалци и деца.
Во прокламацијата се вели дека на секој што не е опфатен со здравствено осигурување 30 дена од денот кога ќе влезе во САД или не може да докаже дека има пари да плати за потенцијални медицински услуги – ќе му биде забранет влез во земјата.