Двајца индонезиски новинари, кои пишувале и посредувале за спор за земја меѓу компанија за палмино масло и локални жители, биле пронајдени мртви со мноштво убодни рани во близина на една плантажа на Суматра, пренесе БГНЕС.
Телото на Мараден Сианипар е најдено во средата, во канал во близина на плантажа со палми, во провинцијата Северна Суматра. Еден ден подоцна полицијата во истиот регион го открила и телото на Маратуја Сирегар.
И на двете тела имало повеќе убодни рани.
-Во истрагата за случајот на распит беа повикани шест лица, но засега нема осомничен за убиствата, изјави шефот на локалната полиција Агус Даројат.
Новинарите работеле за еден локален портал, но во 2017 година почнале да работат како слободни новинари. Во последно време и двајцата станале многу популарни и по тоа што биле активни и пишувале за решавање на споровите за земја.
Пред својата смрт, и Сирегар и Сианипар работеле во кампања за убедување на владата да му дозволи на локалното население да работи на спорната земја.
Асоцијацијата на новинари на Индонезија ја осуди смртта на своите колеги и од властите побара темелна истрага.
Многу случаи на насилство врз новинарите во Индонезија и натаму остануваат неоткриени, покажува истражувањето на Независната алијасна за новинарите, која само годинава има пријавено над дваесетина вакви случаи.
Според извештајот на „Репопртери без граници” за слободата на печатот во 2019 година Индонезија се наоѓа на 124 место од 180 државо во светот.