Ибраими се жали дека не му биле прифатени докази за „Титаник 2″

Поранешниот член на Државната изборна комисија Бедредин Ибраими, кој е осуден на 4,5 години затвор за злоупотреба на функцијата во случајот „Титаник 2″, на денешната седница во Апелацискиот суд рече дека му се суди затоа што донел законска одлука. Пред апелациските судии тој се жалеше дека му било повредено правото во кривичната постапка, бидејќи од Кривичниот суд не му биле прифатени докази, а за обвинителите, како што рече, биле ненадлежни. Тој се повика и на пресудата од Управниот суд, со која е потврдена одлуката на ДИК за прифаќање на приговорот на ВМРО-ДПМНЕ.

За Ибраими е спорен разговорот со лидерот на ДПА Мендух Тачи, кој го изведе Специјалното јавно обвинителство како доказ. Притоа псочи дека не бил само еден разговор помеѓу него и Тачи и дека после тој разговор имало уште два. Пред второстепениот суд Ибраими праша зошто обвинителите не ги извеле и тие разговори

– Во вториот разговор му реков на Тачи  дали знае кого испратиле во ДИК и дека нема шанси да одлучам за нешто ако не сум убеден во тоа, и го прекинав разговорот. Во третиот разговор, Тачи ми кажа извини и одлучи по твое убедување, рече Ибраими.

Во тој контекст го спомена и разговорот меѓу Радмила Шекеринска и Фатмир Бесими, кои исто така разговараат за гласање на седница на ДИК, а кој разговор беше објавен од Ел Чека.

На денешната седница во Апелацискиот суд освен Мендух Тачи присуствуваа останатите четворица обвинети во овој предмет, кој се однесува на договорање на гласање во ДИК за приговори на ВМРО-ДПМНЕ за време на локалните избори во 2013.

Сашо Мијалков за овој случај доби казна затвор од три години, исто толку добија и тогашните членови на ДИК Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, додека лидерот на ДПА Мендух Тачи доби три години и два месеца.

Треба да знаете
Последни објави