Илјадници Иранци денеска скандираа „Смрт на Америка” во близина на некогашната Амбасада на САД на денот кога се одбележуваат 40. години од студентското заземање на Амбасадата на САД во Техеран во 1979 година и заложничката криза што траеше 444 денови.
Државната телевизија емитуваше снимки од демонстрантите околу поранешната Американска амбасада која по Иранската исламска револуција во 1979 година е наречена „дувло на шпиони”.
Собири се одржани во околу илјада населени места ширум Иран.
Набрзо по падот на шахот Реза Пахлави студенти исламисти упаднаа во Амбасадата на САД и 52 Американци држеа во заложништво 444 денови. Оттогаш Иран и САД се непријатели. Упадот во Американската амбасада се случи откако Вашингтон му дозволија на соборениот шах Пахлави да се лекува во САД.
– Нашата борба со Америка е поради нашата независност, поради тоа што се спротивставуваме на малтретирањето, поради нашите вредности, верување и нашата религија. Тие (Американците) ќе го продолжат своето непријателство кон нас, како отровна шкорпија во чија природа е да нанесува смртоносни убоди и не може да се запре ако и се застане на пат. Тие кои веруваат дека преговорите со непријателот ќе ги решат нашите проблеми сигурно грешат, изјави началникот на Генералштабот на иранската армија Абдолрахим Мусави.
Врховниот верски лидер на Иран, ајатолахот Али Камнеи вчера ја обнови забраната за преговори со САД, опишувајќи ги двете земји како „недопирливи непријатели”. Тој им забрани на иранските претставници да преговараат со САД се додека Вашингтон не се врати на Договорот од 2015 година и не ги укине сите санкции.
Односите помеѓу Техеран и Вашингтон во последната година се тензични откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од мултилатералниот договор за иранската нуклеарна програма. Вашингтон воведе и санкции со цел да го запре извозот на иранска нафта, но и за другите сектори. САД минатата недела воведоа нови санкции за иранскиот градежен сектор и на трговијата со материјали што се користат за воената и нуклеарна програма на Иран.
Во 2015 година, САД, Кина, Русија, Франција, Велика Британија и Германија со Иран потпишаа акциски план кој предвидуваше, меѓу другото, нуклеарно разоружување на Техеран, во замена за постепено укинување на санкциите врз земјата. Но, администрацијата на Доналд Трамп минатата година одлучи да се повлече од мултилатералниот договор и повторно воведе санкции кон Иран.