Македонскиот дебитант во регионалната ракометна СЕХА лига, Еурофарм Работник вечерва (19 ч.) пред своите гледачи во Битола го пречекува белорускиот Мешков Брест во рамките од Б групата во регионалното натпреварување. Тренерот на битолчани, Стевче Алушовски, пред дуелот со Мешков Брест не крие дека неговиот тим се соочува со проблеми, меѓутоа е убеден дека оние кои ќе можат да играат ќе го дадат максимумот за да ги израдуваат навивачите со победа.
-Ни доаѓа Мешков Брест со „шарен“ состав, но и ние имаме свои кадровски проблеми. Повредени се Маркоски, Кукоски, Вегар, а на загревањето во Прешов се повреди и Граџан. Практично на располагање имаме само еден кружен напаѓач, но тие кои ќе настапат, верувам дека ќе дадат максимум. Ќе биде неизвесно, но верувам дека на крајот ќе се радуваме ние на четврта победа во ова натпреаврување. Ова за нас е меч топка за што подобар пласман и подобра стартна позиција напролет, рече Алушовски.
Еурофарм во пресрет на вечерашниот натпреавр има скор од три победи и два порази. На табелата во групата Б на СЕХА лигата е третопласиран со 9 бода, а утрешниот ривал Мешков е четвртопалсиран со три бода помалку.