Иран од утре ќе почне да ги користи центрифугите за збогатување на ураниумот во објектите во „Фордоу“, иранскиот центар за збогатување на ураниум, што претставува директно кршење на нуклеарниот договор, пренесува „Спутник“.
Иранскиот претседател Хасан Рохан најави дека Техеран ќе почне со инјектирање ураниумски гас во 1.044 центрифуги, посочувајќи дека потписниците на Заедничкиот сеопфатен план за акција (ЈЦПОА) мора да го спроведат договорот во рок од два месеца ако сакаат да го спречат Иран да ги суспендира своите обврски.
Рохани посочи дека од 6 ноември, Техеран четврти пат одбива да ги реализира обврските од ЈЦПОА. Според него, активностите ќе се одвиваат, како и претходно, под контрола на Меѓународната агенција за атомска енергија. Иранскиот претседател додаде дека Техеран не може да се помири со тоа дека нуклеарниот договор има едностран карактер и дека само Иран ги реализира своите обврски, а не и другите страни, но сепак нагласи дека Техеран ќе продолжи со преговорите.
Според ЈЦПОА, Иран требаше да го пренамени „Фордоу“ во центар за производство на стабилни изотопи, ограничувајќи го збогатувањето на ураниум само на центарот „Натанц“.
Иран вчера соопшти дека работи на прототип на центрифуга која е 50 пати побрза од онаа дозволена со нуклеарниот договор, според кој Иран има право да произведува збугатен ураниум само со 5.060 центрифуги од првата генерација ИР-1.