Од 2017 година до денес речиси двојно е зголемен бројот на деца бегалци без придружба кои пристигнуваат во Грција, а во овој момент во земјата има 4.800 малолетници, од кои 1.178 се на непозната локација, јави дописничката на МИА од Атина.
За активностите, иницијативите и следните чекори на Владата за конкретното прашање, говореше заменик министерката на труд и социјала на Грција, Домна Михаилиду на прес-конференцијата на која воедно презентираше и податоци за децата бегалци без придружба.
Во 2017 година биле регистрирани 2.500 деца, во јули годинава 4.000, а сега се веќе 4.800 деца.
– Бројот се очекува драматично да се зголеми, и тоа е затоа што, пристигнувањата на државјани од трети земји од почетокот на летото се зголемени и достигнуваат и до 500-600 лица дневно. Најголемиот дел од децата бегалци без придружба се од Авганистан – 43 отсто, од Пакистан 25 проценти и многу мал дел, од девет до 10 отсто се од Сирија, рече Михаилиду.
Заменик министерката за труд и социјала на Грција, на прашањето на МИА објасни дека најголемиот број од децата, 93 проценти се над 14 години, а 94 отсто се момчиња.
– Овие податоци се апсолутно логични. За едно дете, само, без семејството да замине за друга земја треба да биде малку поголемо за да успее. А исто така е логично што се момчиња, бидејќи, за жал, полесно е девојчињата да бидат жртви на злоупотреба, истакна Михаилиду.
Децата бегалци без придружба откако ќе пристигнат во Грција и ќе го поминат процесот на идентификација и регистрација се згрижуваат на неколку начини. Или остануваат во прифатните центри во т.н. безбедна зона или да бидат пренесени во специјалните пансиони наменете за нив или пак во хотели. Долгорочно пак, може да поднесат барање за азил во Грција или да побараат обединување со семејствата.
Од 1.178, од 4800 деца без придружба, како што рече заменик министерката се наоѓаат „под несигурни услови” односно никој не знае каде се бидејќи побегнале од пансионите, хотелите или безбедните зони во кои биле згрижени.
На прашањето на дописничката на МИА од Атина дали постои можност овие деца да заминат кај нивни роднини во некоја од европските земји во рамките на процесот на семејно обединување, Михаилиду објасни дека грчките министерства имаат многу мала надлежност бидејќи процедурите се водат од земјите што би можеле да ги прифатат децата, а постојат доцнења од две причини. Едната е за докажување на семејна поврзаност, преку тестови и слично. А втората е економската контрола на семејствата.
Михаилиду наведе дека веќе биле одржани средби со амбасадори на неколку земји, меѓу кои Германија, Чешка и Србија а станало збор за можноста дел од децата бегалци без придружба да бидат пренесени во некои од овие земји.
За справување со проблемот со згрижувањето и сместувањето на децата бегалци без придружба, заменик министерката посочи дека работат на неколку активности, но и да се исправат грешките од минатото. Еден од приоритетите е колку е можно повеќе деца да се префрлат од островите во другите делови на Грција, но и во соработка со општини да се отворат и нови пансиони за згрижување. Министерството за труд и социјала на Грција, испратило и барање до Европската комисија за продолжување на финансирањето на хотелите во кои се сместени дел од децата.