Нови жртви на протестите во Ирак, досега загинаа над 250 луѓе

Во протестите во Ирак денеска загинаа уште најмалку тројца демонстранти, а повеќе од 40 се повредени, пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Ирачките безбедносни сили убиле најмалку две лица, а раниле 12, кога отвориле оган кон демонстрантите во јужниот град Сахарта, соопштија безбедносни и болнички извори.

Инцидентот се случил кога демонстрантите се обиделе да го нападнат домот на висок владин претставник во градот, на 45 километри од јужниот град Насирија.

Во посебен инцидент, најмалку еден демонстрант загина, а 34 се повредени кога безбедносните сили отвориле оган кон нив во главното заливско пристаниште Ум Каср.

Протестите од минатата среда ги запреа сите активности во пристаништето во близина на главниот град на експлоатација на нафта, Басра.

Од понеделникот во Басра на сила е полициски час, при што безбедносните служби порачаа дека тоа е првиот чекор за запирање на немирите и дека доколку е потребно ќе применат и сила.

Илјадници Ирачани продолжија да се собираат и денеска во најмасовниот бран на антивладини протести во последните децении.

Повеќе од 250 луѓе загинаа во протестите што започнаа во октомври поради лошите услови за живот и рабоата и скудните јавни услуги.

Треба да знаете
Последни објави