Потврдена е средбата на претседателот Стево Пендаровски со францускиот колега Емануел Макрон. Средбата, како што не информираат од кабинетот на претседателот, ќе се одржи на 12 ноември, кога Пендаровски ќе учествува на Парискиот мировен форум.
Претседателот Пендаровски вчера во изјава за медиумите рече дека се прават напори да се добие средба на што е можно повисоко ниво во Француската Република. Истакна дека дипломатијата продолжува со евроинтеграциите и дека фокусот е Франција.
-Правиме усилби практично од првиот ден, практично веднаш по последниот бриселски самит на ЕУ да добиеме средба на што е можно повисоко ниво во Француската Република и директно со претседателот Макрон и со луѓето околу него што точно побаруваат од нас и да ја надминеме таа крајно непријатна ситуација, рече Пендаровски.
Тој посочи дека во наредниот период треба да добиеме посилен сигнал дали наскоро ќе може да се измени крајно неповолниот исход на последниот европски самит пред се Франција која беше против почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Париз инсистира на претходни внатрешни реформиво ЕУ и промена на методологијата за прием на нови земји членки.
Претседателот Стево Пендаровски ќе престојува во Франција од 11 до 13 ноември, а ќе има и обраќање на форумот на 12 ноември. На форумот се очекува присуство на повеќе од 30 шефови на држави и влади