Во НУ Стоби заврши втората и ќе почне третата фаза од изработката на мастер планот за конзервација на Стоби. Третата фаза треба да заврши напролет по што, мастер планот ќе и биде презентиран на јавноста.
Како што изјави за МИА директорот на НУ Стоби, Спасе Перовски, мастер планот ќе значи платформа за грижа на културното наследство во археолошкиот локалитет наредните 10 години. Една деценија ќе може да се црпат содржините и да се имплементираат со цел заштита и конзервација на движното и недвижното културно наследство во Стоби.
Изработката на мастер планот е подржана со 100.000 американски долари грант од „Каплан” – Американската филантропска фондација која финансира проекти од областа на културата во повеќе земји во светот и сега првпат во нашата земја.
-Во мастер планот се содржани сите елементи на конзервација, а во неговата изработка се вклучени повеќе странски експерти од областа на заштитата на културното наследство од Велика Британија, Италија, Бугарија и од нашата земја, рече Перовски.
Информира и дека во рамки на мастер планот се организираат обуки од областа на археологијата, конзервацијата и презентацијата на културното наследство. Вклулени се повеќе организации, меѓу кои и од Грција.