Голем протестен марш се одржа денеска во Приштина по повод годишнината од смртта на активистот на Движењето Самоопределување (ВВ), Астрит Дехари, кој под се уште неразјаснети околности почина на денешен ден пред три години во истражниот затвор во Призрен, јави дописникот на МИА од Приштина. На крајот од маршот, кој заврши пред зградата на Обвинителството на Косово, беше побарано расветлување на околностите во кои го загуби животот тогаш 26-годишниот Астрит и одговорност за тогашните надлежни авторитети кои, според ВВ и семејството Дехари, оневозможија да се открие вистинската причина за неговата смрт.
Астрит Дехари почина во притворското одделение на затворот во Призрен на 5 ноември 2016 година, каде што се наоѓаше откако 68 дена порано беше приведен, заедно со уште петмина активисти на ВВ, осомничени за кривично дело „тероризам”, откако на 4 август истата година беше испукана граната од рачен фрлач на зградата на Собранието на Косово.
Апсолвентот на Медицинскиот факултет во Приштина, чие семејство е по потекло од Куманово, беше пронајден мртов во неговата ќелија, во време додека останатите затвореници биле во попладневна прошетка.
Правосудните органи на Косово излегоа со официјален извештај, по извршена аутопсија, дека станува збор за самоубиство, кое тој наводно го извршил со тврд предмет, односно со пластично шише за мед кое самиот си го набил длабоко во грлото. Во ваквото објаснување се посомневаа ВВ, семејството на Дехари и нивниот адвокат, како и повеќе граѓански здруженија, по што наодите беа испратени во швајцарскиот Институт за судска медицина во Лозана.
Во експертизата од Лозана, кој стаса пред две недели, се нагласува дека е „малку веројатно” дека станува збор за самоубиство и дека мора да се земе предвид можноста Астрит Дехари да бил убиен.
Голем протестен марш се одржа денеска во Приштина по повод годишнината од смртта на активистот на Движењето Самоопределување (ВВ), Астрит Дехари, кој под се уште неразјаснети околности почина на денешен ден пред три години во истражниот затвор во Призрен, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Како што се наведува во нашиот експертски наод (…), имаме сомнежи кога е во прашање смртта на господинот Дехари Астрит. Хипотезата за самоубиство на господинот Дехари Астрит, со помош на одредени средства, која ја констатираа лекари на судската медицина, се чини малку веројатна и треба да се има на ум интервенцијата на трето лице во овој настан со фатален исход, се вели меѓудругото во експертизата на 58 страници од Лозана.
По ова, главниот обвинител на Косово наложи продолжување на истрагата за смртта на Дехари, која ја ќе ја води Специјалното обвинителство.
Лидерот на ВВ Албин Курти, кој се очекува да го добие мандатот за формирање на новата косовска Влада, на крајот од денешниот протестен марш најави дека новите косовски власти ќе спроведат „нова, независна, професионална и меѓународна истрага”, а веднаш по конституирањето на Собранието ќе се формира и парламентарна комисија за расветлување на случајот.
– Три години без Астрит се многу, а три години без правда за Астрит се премногу. Бевме потресени тој ден кога го уапсија Астрит на 29 август 2016 година, кога го обвинија без обвинителен акт, кога го држеа во затвор без да го испрашаат и премногу се потресовме кога ни рекоа дека нема да го видиме веќе. Астрит е името на трагедијата на студентот по медицина и активистот на Самоопределување, но Астрит е и името на неправдата врз граѓаните на Републиката и совесните луѓе. Во ќелијата А3 на призренскиот затвор, каде што и самиот бев пред 12 години, убија еден невин човек, рече Курти.
Во првиот ред на протестот под мотото „Правда за Астрит”, покрај Курти и членовите на семејството Дехари, се наоѓаше и лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, а учествуваа и други личности од Северна Македонија.