Италијанската министерка за внатрешни работи Лусијана Ламоргезе денеска го посети местото на несреќата во која загинаа тројца пожарникари, а тројца се повредени.
Несреќата се случила во регионот Пиемонт во северозападна Италија, пренесува АП.
Ламоргезе им изрази сочувство на семејствата на загинатите, но одби да коментира за истрагата.
Пожарникарите загинале кога излегле на теренот, откако биле известени за експлозија во објект на фарма во провинцијата Алесандрија, но потоа се случила втора, посилна експлозија.
Иследникот Енрико Керци изјави дека во урнатините биле пронајдени тајмер и канистер, што наведува на мислење дека експлозијата била подметната.
Засега не се познати мотивите, но како што јави Анса, нема индиции дека станува збор за терористички напад.
Телевизијата Sky TG24 објави дека тајмерот бил далечински контролиран и дека сопственикот на зградата бил испрашан.