Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска ги повика Русија и САД да го одржат ветувањето и да обезбедат курдските борци да се повлечат од пограничните области.
Тој тврди дека курдските борци и понатаму се присутни во неколку области. Ердоган посочи дека борци на Единиците за заштита на народот и понатаму се наоѓаат во Тел Рафат, во Манбиџ, како и во Рас ал Аин.
Ердоган наведе дека турските војници се мета на напади на поединечни курдски борци во Сирија, при тоа додавајќи оти Турција „нема да биде само набљудувач” на тие напади.
Повлекувањето на курдските сили почна на 23 октомври, а заврши на 29 октомври. Врз основа на договорот што го постигнаа рускиот и турскиот претседател Владимир Путин и Ердоган, курдските сили од Единиците за заштита на народот требаа да се повлечат заедно со своето оружје од североисточна Сирија на 30 километри оддалеченост од границата со Турција.
Курдските сили се повлекоа од пограничната зона во која Турција на 9 октомври изврши офанзива врз нив. Офанзивата беше прекината неколку дена во согласност со договорот постигнат помеѓу Анкара и Вашингтон.
Припадници на руската воена полиција и сириската гранична полиција се распоредени во зоната и заедно патролираат со цел да го олеснат повлекувањето на Курдите.