Лажна докторка од Германија е обвинета за смртта на четири лица
Жена (48) од Германија е обвинета за смртта на четири лица, откако ги лажирала своите медицински квалификации. Таа во моментов се наоѓа во притвор, пренесува Си-Ен-Ен.
Неименуваната лажна докторка наводно предизвикала осум сериозни повреди додека работела како лекарка во болница во Фрицлар, во централна Германија, според изјавата на државните обвинители објавена на крајот на минатиот месец.
Обивнителите потврдиле дека осомничената се соочува со обвиненија за убиство, тешки телесни повреди, измама, фалсификување на документи, злоупотреба на титула и практикување на медицина без дозвола.
Таа наводно искористила лажни документи за да ја добие работата во болницата кадешто работела од ноември 2015 година до август 2018 година, продолжувајќи со работа и покрај тоа што правела сериозни грешки, вклучувајќи и препишување на неточни лекови на пациенти.
Полицијата во јануари оваа година работеше на нејзиниот случај, а потоа ја прошири истрагата.
Неименуваната жена е уапсена на 29 октомври и останува во притвор бидејќи има ризик да избега, велат обвинителите. Полициските истражувачи работат за да откријат дали жената била вклучена и во други случаи на несоодветна медицинска работа.
Овој случај доаѓа во време по пресудата за медицинско лице кое беше одговорно за смртта на 85 пациенти кои биле под негова грижа. Ниелс Хегел, 42-годишен медицински работник, кој се смета за најопасниот сериски убиец во Германија по Втората светска војна, беше осуден на доживотен затвор.