Октомври 2019 година беше најжешкиот досега регистриран на планетата, соопшти Европската служба за климатски промени наведувајќи дека се работи за петти месец едноподруго во кој топлотниот рекорд или е надминат или бил приближен.
Октомври 2019 година бил 0,63 Целзиусови степени над просечната температура, со што за малку го собори рекордот од октомври 2015 година за 0,01 Целзиусови степени, но бил 1,2 Целзиусов степен над температурата во прединдустрискиот период.
„Ова е петти месец едноподруго кој бележи рекордна висока температура или температура многу блиску до рекордот“, се наведува во соопштението.
Јуни 2019 година бил најжешкиот јуни досега, а јули го достигнал апсолутниот рекорд на најжешкиот месец регистриран досега. Август 2019 година бил втор по топлина во мерењата за месец август, а септември 2019 бил најтопол септември во историјата.
Последните четири години биле најтоплите досега забележани на планетата и уште во август Светската метеоролошка организација процени дека 2019 година ќе биде меѓу петте најтопли години во историјата, што соодветствува на предвидувањата на научниците за влијанието на климатските промени.