Претставници на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот во БиХ денес организираа мирен собир пред Амбасадата на Кралството Шведска во центарот на Сараево поради одлуката за доделување Нобелова награда на австрискиот писател Питер Хандке.
Демонстрантите веруваат дека наградата на Хандке е исто како да му е доделена на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, кого писателот го поддржуваше.
Членови на Здружението „Мајки на Сребреница“ држеле фотографии од Хандке, на кои се гледа дека тој бил во Сребреница летото 1996 година, пренесува сараевскиот портал „Кликс“.
Претседателката на здружението, Мунира Субашиќ, предаде писмо во Амбасадата за кралот и кралицата на Шведска, во кое ги предупредува дека, како што велат, наградата му била дадена на некој што го поддржувал злосторството.
Тие ги повикаа сите, особено Шведската академија, да се откажат од доделувањето на наградата и да направат преседан.