Туристичкиот потенцијал во Малешево и идното заштитено подрачје „Ченгино Кале”, беа главните теми за дискусија на работилницата која се одржа во Едукативниот центар за зачувување на природата во село Негрево, Пехчево. Како што истакна градоначалникот на Општина Пехчево, Драган Тренчовски, работилницата е само една од низата планирани средби поврзани со прашања важни за локалното население.
-Во рамки на оваа средба зборувавме за состојбата во регионот во поглед на туристичката понуда, како и за потенцијалите за развој и поврзување на услуги и активности поврзани со различни типови туризам. Од она што е важно на ова поле, за регионот Малешево е важно тоа што во моментов се изработува „Студија за валоризација на природните вредности на Ченгино Кале”, процес што го координира Македонско еколошко друштво. Се работи за стратешки документ што е основа за процесот на прогласување на дел од Малешевските Планини за заштитено подрачје, истакна Тренчовски.