Палмер во посета на Атина

Заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Азија, Метју Палмер, од вчера е во посета на Атина, а веќе се сретна со министерот за животна средина и енергија на Грција, Костис Хаѕидакис и претсавници на СИРИЗА, а утре ќе оствари средба со алтернативниот шеф на грчата дипломатија, Милтиадис Варвициотис, јави дописничката на МИА од Атина.

– Топло добредојде за заменик помошникот државен секретар и специјален претставник за Западен Балкан, Метју Палмер. Неговата посета е јасен знам на посветеноста на САД за стабилноста на Западен Балкан и грчата водечка улога како столб на стабилност и НАТО сојузник што ги дели интересите и вредностите на САД, напиша амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат на неговиот официјален Твитер профил.

За продлабочување на енергетската соработка и постоечките проекти за изградба на гасоводи разговараа денеска Палмер и грчкиот министер за животна средина и енергија, Костис Хаѕидакис.

-Разговаравме за начините на кои можеме заедно да работиме за да го развиеме нашето партнерство и соработката во енергетската сфера, вклучувајќи особено во однос на LNG, терминалот во Александруполи, гасоводот IGB и начините на кои можеме да работиме со Грција за да се интегрира Александруполи (FSRU) во европската мрежа на Западен Балкан, рече Палмер.

-Стратешката соработка на Грција и САД во енергетиката се развива многу позитивно. На американската страна и објаснив за напредокот што го имавме во последниот период во низа енергетски проекти. Прво, потпишувањето со бугарската страна на договорот за IGB, за интерконекторот на природен гас Грција-Бугарија. Второ, дека се регулирани сите прашања во врска со TAP. Трето, дека од наша страна на позитивен начин го гледаме планот за станицата FSRU во Александруполи, што ќе ја зајакне геостратешката позиција на земјата и ќе создаде друга слика за трговијата со природен гас, рече Хаѕидакис и додаде дека станало збор и за соработката во однос на јаглеводородите, природниот гас во југоисточниот Медитеран, како и за гасоводот EastMed.

Заменик помошникот државен секретар на САД, одговарајќи на новинарско прашање рече дека овој пат нема да ја посети Турција, бидејќи патувањето е на Западен Балкан и во Атина.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, заменик помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер утре ќе се сретне со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтидис Варвициотис.

Палмер вчера оствари средба и со претставници од грчката опозициска партија СИРИЗА, односно со надлежните за надворешни, економски и европски прашања, Јоргос Катругалос, Никос Папас и Рања Свигу.

Американскиот амбасадор во Атина за средбата на неговиот официјален Твитер профил напиша дека разговарале за стратешкиот дијалог САД-Грција и „важната улога на Грција во градењето безбедност на Западен Балкан, во Источниот Медитеран и Црното море”

Треба да знаете
Последни објави