Најмалку 37 лица загинаа, а 60 се повредени во напад на конвој кој превезувал работници на канадската рударска компанија „Семафо“ на истокот на Буркина Фасо, информираат властите.
„Семафо“ соопшти дека нападот на конвој од пет автобуси со воена придружба се случил на пат кој води кон нивниот рудник во источната област Ест.
Локалните власти потоа објавија дека група неидентификувани вооружени лица од заседа нападнале конвој во кој имало работници на „Семафо“ и дека загинале 37 лица, а повеќе од 60 се повредени, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Овој број не ги вклучува потенцијалните жртви меѓу безбедносните сили и се стравува дека ќе се зголеми.
Се вели дека најпрво одекнала експлозија, а потоа напаѓачите почнале да пукаат.
Делови од Буркина Фасо последниве години се погодени од насилството на исламските екстремисти, а „Семафо“ ги засили безбедносните мерки минатата година по вооружените инциденти во близина на два рудника на компанијата во таа земја.