Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев денеска заедно со членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска и стратешкиот соработник Лазар Јовевски се сретнаа со пензионерите.
На средбата, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, пензионерите го искажале своето незадоволство од политиките кои владата на СДСМ и Зоран Заев ги водат изминатите речиси три години.
„Пензионерите нагласија дека СДСМ и Заев ги излажале и изманипулирале кога ветувале дека ќе го подобрат нивниот стандард и ќе ги покачат пензиите, посочувајќи го и последното покачување на пензиите од само 36 денари, додавајќи дека се чувствуваат понижени и изневерени од страна на Заев и СДСМ“ се вели во соопштението на партијата.
Како што беше истакнато тие се чувствуваат изманипулирани и во однос на методологијата за пресметка на волоризација на пензиите и во однос на пензиската членарина која ја користат пензиските организации.
На средбата беше констатирано дека околу 40% од пензионерите во Република Македонија земаат под 12 000 денари пензија, односно дека половина од пензионерите се на граница на економското опстојување, дури и под таа граница.
Претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ донесе низа на проекти и мерки за оваа група на граѓани, но како што посочија пензионерите на средбата владата на СДСМ, Заев и Царовска ги укинале истите неводејќи грижа за пензионерите.
ВМРО-ДПМНЕ ветува дека со формирање на новата влада ќе воведе мерки и проекти за сите категорија на граѓани вклучувајќи ги и пензионерите и нивните потреби и барања за подобар, поквалитетен и повисок стандард.