Европска Унија изрази загриженост поради „инцидентот” со инспекторката на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Иран. Техеран ја поништи акредитацијата на инспекторка на МААЕ откако и беше забрането да влезе во постројката за збогатување на ураниум Натанц под сомнение дека внесува сомнителни материјали. Опремата за проверка во Натанц алармирала кога инспекторката поминала низ неа и не и било дозволено да влезе, за што МААЕ дополнително била известена.
МААЕ апелира до Иран да им овозможи на инспекторите на МААЕ да ја извршуваат својата должност во согласност со обврските на Техеран.
Иран утрово ја продолжи активноста за збогатување на ураниум во нуклеарна постројка Фордо.
Во Фордо од вчера почна вбризгување на ураниумски гас во центрифугите. Тоа е четврти чекор на Техеран за намалување на почитувањето на обврските од нуклеарниот договор потпишан со светските сили во 2015 година.
Иран веќе ги прекрши ограничувањата за резервите и збогатувањето ураниум во обид со цел да изврши притисок врз Европа да предложи нов договор, повеќе од една година откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од Договорот.
Во 2015 година, САД, Кина, Русија, Франција, Велика Британија и Германија со Иран потпишаа акциски план кој предвидуваше, меѓу другото, нуклеарно разоружување на Техеран, во замена за постепено укинување на санкциите врз земјата. Но, администрацијата на Доналд Трамп минатата година одлучи да се повлече од мултилатералниот договор и повторно воведе санкции кон Иран.