Военопоморската коалиција, предводена од САД, денеска и официјално ја почна својата мисија на обезбедување слободна пловидба на бродовите и танкерите во водите на Персискиот залив – регион од клучно значење за испораката на нафта низ светот, во кој во последните месеци беа извршени повеќе напади врз нафтени танкери, пренесоа светските агенции.
-Операцијата „Сентинел”, што за своја цел има гарантирање на слободното пловење во Персискиот залив и Оманско море, е одбранбена мерка и не му се заканува на никого, денеска уверуваше вицеадмирал Џим Малој, командант на американските военопоморски сили на Блискиот исток, на церемонија во командниот центар на мисијата во Бахреин.
„Оваа операција не содржи напаѓачки елемент, освен ангажманот за взаемна одбрана во случај на напади”, подвлече тој и додаде дека ангажманот на САД во реонот ќе трае се додека е присутна заканата.
Бахреин беше првата земја која во август се приклучи на американскиот предлог за коалиција. Во оваа земја инаку е сместена Петтата американска флота. Во септември кон коалицијата се приклучија и Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Велика Британија и Австралија се главните западни држави кои се согласија да испратат воени бродови за придружба на комерцијалните бродови во Заливот. Најнова членка на коалицијата е Албанија, која пристапи на 1 ноември.
Повеќето европски земји одбија да учествуваат, стравувајќи дека тоа ќе им наштети на напорите да ја спасат спогодбата за иранската нуклеарна програма од 2015 година, која се најде под закана по излегувањето од неа на САД, во 2018 година.