Секојдневно сме „бомбардирани” од дезинформации, лажни вести или полувистини. Популацијата на возраст од 15 до 34 години речиси никогаш не ги проверува информациите што ќе ги прочита на интернет просторот, а лажните вести буквално доаѓаат од секој сегмент и ги шири кој ќе стигне. Тоа го вклучува алармот да се делува веднаш, преку медиумска писменост која ќе се инкорпорира во наставниот процес од најрана возраст. Ова се дел од заклучоците на јавната дискусија на тема „Вклучување на медиумската писменост во образованието”.
Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспаретност Роберт Поповски рече дека во Северна Македонија над 60 проценти од граѓаните што се на возраст меѓу 15 и 34 години интензивно се информираат преку Интернет.
– Следните податоци сега што ќе ги прочитам се многу сериозни и опоменувачки. Од оваа популација, 17 проценти кога се информираат преку социјалните мрежи и медиуми, никогаш не ги проверуваат информациите што ги добиваат, 27 проценти ретко, додека 39 отсто понекогаш. Вкупно 83 проценти од оваа популација кога е на Интернет и кога се информира, не обрнува внимание на содржината или не сака да провери дали е точна или не. Не навлегува во содржината или фактите или аргументациите, рече Поповски.
Според него, има недоволна проверка на информации, незаинтересираност, немање желба, непрепознавање на аргументите, фактите на сето она што не „бомбардира” секојдневно и мора да се најде начин како да им се помогне на граѓаните да ја детектираат и подобро да ја препознаат оваа појава.
– Уште еден исклучително поразителен факт има за состојбата во нашата земја, за тоа на кое ниво е препознавањето информации на нашите граѓани. Според тоа истражување, Македонија се наоѓа на дното од 34 земји во препознавањето на лажните вести и дезинформациите. Ние сме убедливо последни, пред нас е Турција, па потоа е Албанија, БиХ, Црна Гора, Бугарија. Нашиот проблем е драматичен, но регионот исто така има проблем, рече Поповски.
Тој посочи и дека лажните вести ги оценуваат како современо оружје за масовно уништување тие го таргетираат секого, секоја индивидуа, семејство, група на луѓе и тие се глобален проблем.
– Веќе не важи онаа изрека „На лагата и се кратки нозете”. Напротив, денес на лагата напротив и се долги нозете, и тоа она што особено загрижува е кој се ги шири лажните вести. Не е коректно да ги обвиниме само медиумите и новинарите. Напротив можеби тие се најмалку виновни. Лажни вести и дезинформации шири кој ќе стигне. Политичари, политички партии и субјекти, центри на моќ, бизнис сектор, секакви други структури во општеството. Нема место од каде што нема извор на лажни информации. Сето тоа предизвикува еден хаос и комплетна недоверба на граѓаните дури и во себе, а пред се во институциите, истакна Поповски.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми рече дека Владата се заложува да имаме сеопфатен национален образовен систем, каде што секогаш ќе се надградува со актуелни текови, модерни трендови кои ќе се имплементираат и на национално ниво.
– Конкретни чекори ќе се преземаат и веќе се преземаат од наша страна околу медиумската писменост, бидејќи е значајно прашање да креираме индивидуи уште од најмали нозе да направат дистинкција помеѓу тоа што е лажна вест и вистинска вест, а ова прашање влијае врз ставовите, размислувањата на секоја индивидуа за одредено прашање, истакна Адеми.
Тој смета дека ова прашање е и предизвик имајќи предвид дека и бројот, но и видовите на медиумите во нашата држава е значително зголемен, така што, како што рече има потреба конкретно да се фокусираме и во основно и во средно образование да имаме содржини или, пак, да имаме посебен предмет посветен на медиумската писменост.
– Преку еден инклузивен пристап слушајќи го мислењето на медиумите, слушајќи го мислењето на експертите, разгледувајќи ги анализите кои се направени на национално ниво, но и разгледување на искуствата во другите земји ќе постапиме во наредниот период кон заокружување на најдобар можен начин на ова прашање и инкорпорирање на истото во националниот образовен систем, оцени Адеми.
Феручо Бого, политички советник во Делегацијата на Европската комисија во Скопје, рече дека медиумската писменост значи да се биде способен за разпознавање на лажни вести, и тоа налага одговорна дебата, плурализам на мислење, критичко мислење.
Според него, медиумската писменост за младата популација значи да се препознае дезинформацијата, лажни факти или скриени мотиви. Тие, рече Бого, мора да се научат да се изразуваат на одговорен начин, почитување на различни ставови и почитување на приватноста.
– Поради овие причини медиумската писменост без сомнение треба да стане дел од наставната програма. ЕУ ги поддржува сите активности на властите за оваа цел. Активности кои ќе придонесат за младите да бидат активни и критички да ги примаат информациите, наместо само конзументи. За да има резултати овој процес бара и соодветна обука на наставниците, рече политичкиот советник во Делегацијата на ЕУ во земјава.