Партијата на пензионери: Возачка ќе добиваат и лица постари од 75 години

По повод лажните гласини кои се појавија во некои средства за информирање – дека со новите измени и дополненија на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата (ЗБСП) нема да се дозволи издавање возачки дозволи и управување со моторни возила на лицата постари од 75 години, Партијата на пензионери (ПП) го издава следното,

СООПШТЕНИЕ:

Партијата на пензионери, до Комисијата за измени и дополненија на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата при Министерството за внатрешни работи на РСМ, достави предлог за зголемување на старосната граница за важење на возачките дозволи до 75 годишна возраст, а за лицата постари од 75 години кои ги задоволуваат здравствените услови да им се продолжува важењето на возачката дозвола во зависност од нивната здравствена состојба со рок на важење до 5 години. Потсетуваме дека контролниот здравствен преглед досега се вршеше по наполнување на 70 годишна возраст на возачот со рок на важење до 3 години. Ваквиот предлог на Партијата на пензионери е прифатен од Комисијата при МВР, како и од Владата на РСМ, и е доставен на усвојување во Собранието на РСМ. Нашиот предлог претставува усогласување со Европската регулатива и големо олеснување за повозрасната возачка популација во Република Северна Македонија. Сите други гласини кои се појавија во некои средства за информирање и интернет портали, во врска со Предлогот за Измени и дополненија на ЗБСП во делот на правото на управување со моторни возила за лица постари од 75 години, и се разликуваат од ова соопштение не и служат на вистината и претставуваат злонамерни манипулации со недоволно информираните лица.

Треба да знаете
Последни објави