Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски Ѓумар” вечер ќе одржи концерт во салата на Чешки центар во Софија. Диригент на коцертот ќе биде Ангел Спироски, а според програмата се предвидени композиции од Дарија Андовска, Ајвс, Шпор и Мартину.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 32 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид 1986 година.Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа. Составен е од студенти на ФМУ во Скопје, но и од гости и млади музичари, од други земји. Во досегашниот период имаат учествувано над 350 млади.Со своето музицирање во сиот овој период се наметна на музичката јавност, не само како неопходност, туку и како изведувачки состав со високи професионални квалитети.
Диригенти и уметнички раководители биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски – Ѓумар, В. Николовски – Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Олег Кондратенко со постојана тенденција за промоција на млади диригенти и солисти (Дијана Илкоска, Иван Еминовиќ).
Оркестарот има реализирано повеќе од 90 концерти, добивајќи голем број високи позитивни критики, но и национални награди и признанија. Покрај класичниот репертоар оркестарот има изведувано дела од современи како и од македонски автори. Како признание за постигнатите резултати во 1995 година беше поканет и одржа концерт во Будимпешта, по повод 50-годишнината од основањето на Светската Федерација на ММ.
Оркестарот има остварено повеќе ТВ и радио снимки како и сопствена ЦД продукција (пет изданија). Веќе 32 години завршниот концерт на Летната сесија на оркестарот е дел од програмата на Фестивалот „Охридско лето”, а во последните 12 години и на „Скопско лето” и „Битолско лето”.