Постар човек починал откако пропаднал во тунел од лава на неговиот имот на Хаваите, соопшти вчера локалната полиција. Човекот неколку дена бил пријавен како исчезнат, па полицијата го пребарувала неговиот имот во Каумана во понеделникот и открила дека тој пропаднал низ истенчената почва во тунел длабок 22 метри, продупчен од лава, кој се наоѓал под неговиот имот, пренесе Си-ен-ен.
Тунелите од лава се природни канали под површината на земјата кои ги создава и низ кои минува магмата. Пештерскиот парк Каумана во близина на местото Хило во Хаваи е омилена дестинација за туристите, бидејќи тие можат да ги проучуваат и истражуваат тунелите од лава, предизвикани од ерупција на вулканот Мауна Лоа во 1881 година.
Спасувачките тимови успеале да дојдат до телото на човекот и да го пренесат во Медицинскиот центар Хило каде го прогласиле за мртов. Обдукција утврди дека тој починал од повреди предизвикани од пад.