На актерот Диме Илиев синоќа во Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот” му беше врачена наградата за животно дело „Петре Прличко” за 2019. Станува збор за плакета со ликот на Петре Прличко, што ја додели Општина Велес, а му ја врачи градоначалникот Аце Коцевски.
Во негова чест актерите од Велешкиот театар ја изведоа комедијата „Слуга на двајца господари” во режија на Ненад Витанов.
Илиев рече дека сите награди се значајни, а оваа е резултат на неговата 44-годишна работа, затоа што пред месец и половина се пензионирал од својата матична куќа Драмскиот театар од Скопје.
-Мислам дека со тоа што сум го постигнал во животот, тоа што го вреднувале други луѓе на крајот се наградува. Мило ми е што оваа награда на предлог на мојата матична куќа и од колеги. Најдобро признание е кога е од колеги. Сите награди се добри, но кога колега ќе признае дека заслужуваш нешто навистина заслужуваш. Некои велат дека наградите се само да фаќаат прашина, но прашината се брише, а вредноста штом сум ја постигнал засекогаш останува, потенцира Илиев.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека иако е во пензија, верува дека уште им треба на некои режисери и театри и дека ќе игра на театарската сцена.
Пред присутната публика синоќа во театарот во Велес беа прикажани фрагменти од филмот Исправи се Делфина” во кој Илиев играше со Неда Арнериќ.
Во врска со неговата средба со Неда Арнериќ после 30 години, истакна дека тоа било изненадување за него.
-Тоа беше изненадување за мене. Ме викнаа со таа цел Неда Арнериќ да се изненади, а јас на крајот на претставата и дадов цвеќе. Таа ми се заблагодари и поим немаше кој сум. Јас ја прашав ме знаеш ли кој сум, а таа рече не. Потоа и реков ти беше Делфина, јас бев Петко во филмот. Таа се возбуди, почна да вика од радости аплаузот беше повеќе за нас отколку за претставата. Мислам дека народот сфати дека е изненадување и беше една пријатна и непријатна ситуација, бидејќи се видовме после толку години, појасни Илиев.
Во својот театарски век Илиев досега реализирал над 370 уметнички остварувања. Во театарот настапувал повеќе од 150 пати, осум пати во филмови, а имал и 18 телевизиски настапи и 200 радио драмски улоги.