Оперскиот пејач Пласидо Доминго изјави дека нема да настапи на предолимписките културни манифестации во Јапонија, соопшти Организацискиот комитет на Олимписките игри во Токио.
Доминго одлучил да не настапи на настанот закажан за април, кој требаше да ги собере операта и традиционалниот јапонски театар Кабуки, а официјалните лица ја прифатиле неговата одлука.
Познатиот оперски пејач е обвинет за сексуално вознемирување пред неколку децении, пренесува АП. Повеќе жени го обвинија Доминго дека ја искористил позицијата за да ги присили на сексуални односи додека тој бил долгогодишен директор на Операта во Лос Анџелес. Настапите на Доминго во САД беа откажани, иако тој обвинувањата ги нарече длабоко вознемирувачки и неточни.