Француските медиуми изутринава се осврнуваат на интервјуто што Емануел Макрон го даде за британскиот магазин „Економист”, во кое шефот на француската држава вели дека НАТО е во состојба на „клиничка смрт”, јавува дописникот на МИА. Повлекувањето на САД од меѓународната сцена и пркосното однесување на Турција кон нејзините партнери во НАТО помогнаа во создавање на нов геополитички контекст што го фаворизира појавувањето на нови сили и го намалува влијанието на Европа, е анализата за изнесените мислења на Емануел Макрон.
Имено, во интервју дадено за британскиот неделник „Економист”, Емануел Макрон, кој отсекогаш бил многу реален во својата надворешна политика, ги повика своите европски партнери да се „разбудат”, инаку, континентот, кој според него е „на работ на пропаста”, ќе исчезне на геополитичко ниво.
Францускиот претседател, според „Фигаро” сака да ја нарече мачката – мачка. Тој не ги користи дипломатските формулации. Во британскиот неделник тој вели дека НАТО е во состојба на „мозочна смрт”.
Ударите против Атлантската алијанса кои ги изврши американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи ја „застарена”, внесе сомнеж во неговата волја да ја испочитува воената солидарност предвидена со член 5 од Договорот на НАТО во случај на напад против една од неговите членки. За Емануел Макрон, НАТО „е проект во кој САД обезбедуваат форма на геополитички чадор, но за возврат, мора да има комерцијална ексклузивност. Франција не потпиша за тоа”.
Но, нападите врз Алијансата доаѓаат и од Турција, еден од столбовите на НАТО, која води еднострана и потенцијално дестабилизирачка воена интервенција во Сирија и се приближи до Русија, која ја сака смртта на Алијансата.
-Вие немате никаква координација на стратешката одлука на САД со партнерите во НАТО и ние сме сведоци на агресија водена од друг партнер на НАТО, Турција, во област каде што се во прашање нашите интереси, ова без координација “, рече тој, пред да додаде: „Она што се случи е огромен проблем за НАТО”.
Според францускиот претседател, овој нов стратешки контекст треба да ги натера Европејците да ја „преиспитаат реалноста” и да реагираат.
Европа, вели тој, покажува „извонредна кревкост”. „За 70 години, постигнавме мало геополитичко, историско, цивилизациско чудо: политичка равенка без хегемонија која овозможува мир. (…) Но, денес има серија феномени што нè ставаат во ситуација на работ на пропаста “, инсистира тој. Според него, Европа се соочува со голем број опасности: фактот дека таа „заборавила дека е заедница, постепено размислувајќи за себеси како пазар”; незаинтересираноста на нашиот „голем американски сојузник” за Европа; појавата на Кина, што ја маргинализира, и враќањето на авторитарните сили.
-Ако не се разбудиме (…), постои значителен ризик дека ќе исчезнеме геополитички на долг рок, или барем дека веќе не ќе ја контролираме нашата судбина. Верувам во тоа многу длабоко “, предупреди тој. Овој скок, што треба да доведе до реконституција на „моќна Европа”, според него, оди преку два патишта, ако тоа не се направи Европа би направила „огромна грешка”.
А тоа е развој на вистински „воен суверенитет” и заживување на дијалогот со Русија. Првиот пат е долгогодишна борба на сите француски лидери долги години. Но, досега не е прифатена од други земји освен Франција и Велика Британија. И особено не од Германија, најголемата економска сила на ЕУ. Вториот пат се обидоа да го земат и претходниците на Емануел Макрон. Без успех. Месеците што доаѓаат може да кажат дали е можно повторно отворање на стратешки дијалог со Русија и, доколку е така, дали може или не може да им служи на интересите и моќта на Европа. Од друга страна, ќе бидат потребни неколку години за да се надеваме дека Макрон ќе ги разбуди „заспаните” членки на Европа за одбрана и ќе го принудат на обединување поделениот континент по прашањето на одбраната. Сепак и по ова прашање Макрон е осамен во ЕУ и предизвика реакции на неодобрување на дијагонозата за НАТО кај сојузниците од Алијансата, а одобрување од Москва.